Иран ќе ги нападне американските воени бази во Европа и во други оддалечени региони, доколку тие се искористат за изведување воздушни напади врз Исламската Република, изјави денеска секретарот на иранскиот Врховен совет за национална безбедност, Мохсен Резаи.
„Доколку американски авиони полетаат од американска воена база – дури и ако таа се наоѓа во некоја европска земја или во некој друг оддалечен регион – со цел да го бомбардираат Иран, ние ќе ги нападнеме и тие бази“, рече Резаи во интервју за либанскиот медиум „Ал Мајадин“.
Тој предупреди дека одговорот на Иран на евентуални нови американски напади ќе опфати и оддалечени американски воени објекти, вклучително и оние што претходно не биле цел на иранските сили.
„Можеме да нападнеме дури и одредени острови за кои тие веруваат дека се надвор од дострелот на нашите ракети“, изјави Резаи.
Според него, секоја воена база од која полетуваат американски авиони може да се смета за легитимна цел во случај на напад врз Иран. Резаи оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повеќе немаат политички капацитет да водат „дури ни десетдневна војна“.
Тој, исто така, ги отфрли наводите за тековни преговори меѓу Техеран и Вашингтон, како и информациите за разговори што наводно се одвиваат во Катар.
– Потврдувам дека во моментов не водиме никакви разговори со Американците. Во овој момент нема преговори меѓу Соединетите Американски Држави и нас – изјави Резаи, оценувајќи дека извештаите за разговорите во Катар се неточни и дека нивната цел е да се намали економскиот притисок и цените на нафтата.
Тој наведе дека Иран воопшто не разговара за својата нуклеарна програма ниту преку посредници, и дека има намера да го задржи целиот збогатен нуклеарен материјал, за кој тврди дека ќе се користи во развојот на нуклеарни погонски системи за бродови и подморници.
Според него, одговорот што Техеран го добил од Вашингтон во врска со своите услови бил нејасен и довел до погрешни заклучоци, а САД сè уште немаат дадено јасен одговор на барањата на Иран. Резаи, исто така, негираше дека постојат какви било планови за средба со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Тој повтори дека Вашингтон мора да ги прифати сите седум клучни ирански услови – вклучително и укинувањето на американските санкции и блокади, исплатата на отштета и повлекувањето на израелските сили од Либан – за да може повторно да се отвори Ормускиот теснец.
– Првата точка во нашата дипломатија со Соединетите Американски Држави е ставање крај на војната на сите фронтови, особено во Либан – рече Резаи.