Христијан Мицкоски како редовен професор на УКИМ, во свое, но и во име наминистерката за образование Весна Јаневска, како негова колешка, денеска од Охрид порача дека е „шокиран“ како можеле тие двајца да бидат „навредувани“ за прашања поврзани со студентскиот оброк, затоа што тие образувале генерации студенти. Без притоа да биде дециден дали и за колку ќе се зголеми студентскиот оброк чија висина на дневен износ од 140 денари, веќе трета година стагнира.
Контроверзата со „шокирањето“ е изјавата на поранешниот претседател на Сојузот на средношколци во која тој остро реагираше на висината на средствата наменети за студентски оброк, посочувајќи дека пратениците и владините функционери треба самите да покажат како може да се помине со дневниот износ што им е на располагање на студентите.
„Нека ги отворат бифеата во Собранието и во Владата, нека јадат студентите со 160 денари бифтек, како што јадат пратениците, па потоа нека зборуваат што може да се купи со 140 денари“, порача Ходаи. Тој смета дека нема логика студентите да се приспособуваат на ограничениот износ, додека функционерите имаат бројни поволности. „Не сме во иста линија. Некои луѓе немаат допир со реалноста“, порача Ходаи.
Мицкоски ја слушнал оваа изјава, а и изјави од „други поединци“, и рече:
„Како редовен универзитетски професор, педагог и родител во најмала рака можам да кажам дека бев непријатно изненаден, би рекол шокиран, бидејќи на тој начин да се навредуваат како што тој го направи редовни професори, бидејќи и министерката за образование и јас како претседател на Владата сме сепак редовни професори и генерации, генерации студенти сме помогнале да се стекнат со знаење кое што понатаму би им требало во животот за нив и нивните семејства, во најмала рака е непристојно“.
Тој жали што Ходаи не бил на состанокот во владата каде што со претставници на студентските движења се разговараше за студентскиот оброк. „Би сакал да испратам една порака до студентите дека јас како редовен универзитетски професор сум нивен пријател, поддржувач бидејќи на крајот од денот политиката и оваа денешна моја позиција се минлива и менлива категорија. Кога сето ова ќе заврши, јас повторно ќе се вратам на Универзитетот и повторно ќе работам и другарувам со студентите и ќе се потрудам дел од своето знаење и искуство да го пренесам. Сите оние проекти кои што беа застанати – од студентските домови, преку електронските уреди кои што ги обезбедивме за секој еден студент, сите ученички и студентски домови кои што допрва ќе се реализираат, новите универзитетски кампуси на неколку универзитети се само потврда дека оваа влада е пријател на студентите, и така ќе продолжи“, рече премиерот
Според него, некои и не мора да се согласуваат со овие политики, но „непристојно е редовни професори на таков начин да бидат понижувани и навредувани на отворена сцена“.