Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека нови напади врз Иран се малку веројатни доколку продолжат преговорите за иранската нуклеарна програма и повторното отворање на Ормускиот Теснец. Сепак, тој предупреди дека американските сили се подготвени за нова воена акција доколку биде потребно.
Во телефонско интервју за Си-ен-ен, Трамп петпати ја повторил оценката дека нови напади најверојатно нема да бидат потребни, но нагласил дека сè зависи од тоа дали Техеран ќе прифати строг договор. Тој тврди дека Иран е сериозно ослабен и економски и воено, додавајќи дека американската војска и натаму е подготвена да дејствува.
Трамп соопшти дека САД имаат три носачи на авиони во регионот, подготвени за акција, и дека се утврдени цели во Иран, меѓу кои електрани и мостови. Според него, американските сили би можеле да урнат 38 мостови за само еден час. Сепак, рече дека би сакал да избегне уништување на инфраструктурата, бидејќи за нејзина обнова би биле потребни години.
Во меѓувреме, дипломатските активности на Блискиот Исток се засилуваат. Катар соопшти дека Трамп разговарал со катарскиот емир за намалување на тензиите, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи имал разговори со повеќе регионални претставници.