Опозициската Левица обвинува дека Македонија, и покрај тоа што има значително повеќе полицајци од европскиот просек, останува меѓу трите европски земји со највисока стапка на убиства на жени од интимни партнери.
Од партијата бараат одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и итно разгледување на законските измени за заштита од семејно насилство.
Од Левица посочуваат дека Македонија има околу 560 полицајци на 100.000 жители, наспроти европскиот просек од околу 340. Истовремено, според нив, ваквиот број не гарантира ефикасна заштита на жените од насилство.
Партијата се повикува и на извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој се нотирани недостатоци во пријавувањето, истрагите и кривичното гонење на родово базираното насилство, како и недостиг од специјализирани услуги и човечки и финансиски капацитети.
Како примери за институционални пропусти ги наведуваат случаите со Росица од Велес и Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја.
Во случајот со Росица, неправилности во постапувањето биле утврдени кај 11 полициски службеници, но, според Левица, сè уште нема соодветна судска разрешница за нивната одговорност.
Од партијата потсетуваат дека по трагедијата со Ивана и Катја биле најавени законски измени и подобра координација меѓу институциите.
Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство биле доставени до Собранието во август 2026 година, но сè уште не се ставени на дневен ред.