Вистината за „Алта банка“ е на виделина, на потег е јавното обвинителство, вели Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
-Со премиерот секако – имаме признание на Трајко Славески дека Мицкоски ја донел одлуката за Алта банка, пералницата на пари на Вучиќ и неговата мрежа. СДСМ алармираше уште пред 11 месеци да не се дозволи но Христијан Мицкоски ја внесе Алта банка во Македонија.
Додека во Европа имаше санкции и суспензии, додека во Црна Гора имаше одбивање и притисоци што не влегла Алта банка, Мицкоски и Славески ја внесоа во Македонија. И покрај тоа што Европската централна банка реагирала, и покрај сомнителниот капитал, и покрај тоа што формалниот сопственик имал менувачница а не банка – рече Димитријевиќ.
Според него, сега е на потег Јавното обвинителство и Ненад Савески.
-Мора нешто да преземе. Прво Савески треба да ги блокира телефонските повици од Мицкоски, да ги одбие нарачките, наредбите од телевизија или од собраниска говорница и да постапува по закон. Во спротивно станува соучесник. Во Кривичниот законик, членот 368-а, јасно е посочена одговорноста за „попречување на правдата“.
Мора да почне да си ја работи работата за која положи заклетва оред народот, а не пред ВМРО. Истрага и одговорност за Мицкоски, Славески, Кочовска за сите инволвирани во носењето на Алта банка во Македонија, на сите кои ја донесоа, кои помагаа, правеа притисок врз јавни претпријатија и кои дозволија да се случи овој огромен скандал – рече тој.