Борбата против корупцијата мора да се преточи во конкретни резултати, особено кога станува збор за високата корупција и конфискацијата на незаконски стекнатиот имот. Ова го порача министерот за правда Јетон Шасивари на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што се одржува во Будва, каде што учествуваше на панел посветен на антикорупциските активности.
Шасивари истакна дека владеењето на правото и сузбивањето на корупцијата се клучни за демократската стабилност и довербата во институциите. Посебно се осврна на предметите од високата корупција, оценувајќи дека нивното ефикасно решавање е еден од најважните показатели за независноста и функционалноста на правосудниот систем.
Во таа насока, министерот ги претстави законодавните реформи, меѓу кои подготовката на нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка. Со нив се предвидуваат построги санкции за коруптивните дела и поефикасни механизми за конфискација на незаконски стекнатиот имот.