Нетипично е да има медијатор меѓу земја – членка Европската Унија и земја – кандидат според договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Весислава Петрова – Чамова, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со одржувањето билатерален дијалог на високо ниво меѓу претставниците на Бугарија и Македонија за процесот на европска интеграција.
„Ова е многу јасен став на Бугарија. Бугарија очекува Република Северна Македонија да биде подготвена да формира политички наратив кој не е насочен против Бугарија“, рече Петрова-Чамова, јави агенцијата БГНЕС.
Бугарија бара Македонија да го смени Уставот и да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Македонските власти сакаат гаранции дека по евентуални уставни измени ќе нема нови услови за евроинтеграциите на земјата.
Поради тоа, Бугарија во 2020 година ѝ стави вето на Македонија за почеток на преговорите со Унијата.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски пред околу еден месец предложи претставници на ЕУ да се вклучат во разговорите меѓу Македонија и Бугарија.
Швајцарија понуди помош од ОБСЕ во спорот меѓу Македонија и Бугарија. На средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, Касис посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Во таа насока, нагласи дека организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.
Муцунски, пак, рече дека дијалогот што во моментов се води околу отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на ЕУ. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, ова го кажа одговарајќи на новинарско прашања на заедничката прес-конференција со Касис, а во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека Унијата помага во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија.