Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ најави дека неговата Српска напредна странка нема да учествува на претстојните претседателски избори, порачувајќи им на победниците на парламентарните избори сами да си најдат противкандидати.
-Нека бидат сами, нека работат сами со себе, нека најдат два или три сателити кои со нив ќе трчаат на претседателските избори со по еден или два отсто – изјави Вучиќ на прес-конференција во седиштето на СНС.
Вучиќ изјавата ја даде во контекст на неговите обвинувања дека по изборниот пораз на СНС во Србија се спроведува „револуционерен терор” врз неговите сопартијци и поддржувачи. Според него, во такви услови нормалното политичко дејствување станува невозможно.
– Нашите луѓе се плашат, особено жените. Не можат да дојдат ни на работа, не сакаат некој да ги тепа, турка, удира и малтретира – рече Вучиќ.
Тој истовремено најави големи промени во СНС по поразот на парламентарните избори. Во следниот месец треба да се одржи партиско собрание и да биде избрано ново раководство, при што, според неговата најава, две третини од членовите на Главниот одбор би требало да бидат нови луѓе, како и повеќе од половината членови на Претседателството.
Поранешниот претседател најави дека СНС сега ќе дејствува како „силна и жестока опозиција“, но тврди дека партијата нема да предизвикува нереди. Тој повторно ги обвини победниците на изборите дека го одложуваат формирањето на новата влада поради внатрешни интересни групи и борба за позиции, а пратеничката група на неговата партија најави дека ќе го носи името „Србија против теророт“.