Кандидатката за претседател на Бугарија, Илијана Јотова, во предизборната дебата на Бугарската национална телевизија порача дека нема да има отстапки кон Скопје, и покрај обидите, како што рече, да се стават настрана одредени протоколи.
Според Јотова, бугарската позиција во 2022 година била спасена во последен момент, со интервенција на тогашниот претседател, а сегашен бугарски премиер Румен Радев. Таа го обвини тогашниот премиер Кирил Петков дека сакал да ја предаде бугарската позиција, која, според неа, била спасена во „пет до дванаесет“.
-Во моето лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантиметар од договореното. И покрај тоа што Скопје прави многу сериозни обиди да тргне настрана одредени протоколи. Министерот за надворешни работи на вашата тогашна влада не излегуваше од кабинетот на господин Радев, за сите заедно да работиме на францускиот предлог, како впрочем и со многу колеги од кабинетот на францускиот претседател г-динот Макрон. Господин Петков беше со мене во Скопје и јас од прво лице можам да кажам како беше на секунда до тоа да ја продаде бугарската позиција – рече Јотова.
Од друга страна, противкандидатот Андреј Ѓуров, поранешен премиер на техничката влада во Бугарија, но и екс-претседател на пратеничката група на „Продолжуваме со промената“ во времето на Петков, порача дека тогашната влада била изложена на напади и обвинувања за предавство на бугарските интереси, додека денес сите партии во Бугарија го поддржуваат францускиот предлог.
-Тогаш претрпевме многу напади и обвинувања дека се предава бугарскиот интерес. Сега кога веќе го имаме францускиот договор, постфактум сите партии и во Европскиот параламент, а сега слушаме и од г-ѓа Јотова, безрезервно го поддржуваат и велат дека тоа е едно добро решение за Бугарија. Факти. Фактите се дека ние сега имаме договор кои сите го поддржуваат. Вклучително и оние кои тогаш го напаѓаа – рече Ѓуров.
Екс бугарскиот премиер Петков, пак, и возврати на Јотова со најава за тужба.
-За време на мојата влада успеавме бугарската позиција за Северна Македонија да стане заедничка позиција на целата Европска Унија. Госпоѓа Јотова се обиде овој неспорен бугарски успех да го претстави како национално предавство. Ова е лага што лесно може да се докаже – рече тој.