Врховниот суд ја потврди 12 годишната казна за Стојанче Јовановски, односно го одби како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, со која беше осуден за загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Станува збор за предметот поврзан со семејното насилство врз неговата сопруга Ивана и трагедијата во која животот го загубија таа и нивната шестгодишна ќерка Катја.
-Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека, постапувајќи по кривичниот предмет КВП2-101/26, по одржана седница на советот на 21.10.2026 година, донесе пресуда со која се одбива како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од осудениот, преку неговите бранители, против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.551/26 од 07.05.2026 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-549/26 од 18.06.2026 година, со која е огласен виновен за кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот законик, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик и осуден на единствена казна затвор во траење од 12 –дванаесет години, информираа од Врховниот суд.
В.В.