ЛДП бара одговорност за состојбата со музеите во Крушево: Културното наследство не смее да биде партиски плен

by irena 10:04
10:04

Случајот со изнајмувањето на споменикот „Македониум“ за снимање музички спот за околу 500 евра повторно го отвори прашањето за начинот на кој се управува со македонското културно и историско наследство. Од Либерално-демократската партија (ЛДП) предупредуваат дека оставката на директорот на НУ Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиески, не смее да биде крај на расправата за состојбата во оваа институција.

По реакциите во јавноста, Оџаклиески поднесе неотповиклива оставка, но од ЛДП сметаат дека проблемите во музејската дејност во Крушево се многу подлабоки и бараат системски решенија.

Според информациите со кои располага партијата, за вршителка на должноста директор е назначена Даниела Стоиловска. Од ЛДП бараат надлежните да објаснат според кои критериуми се избираат раководните лица во институциите од национално значење и дали нивните стручни квалификации одговараат на функциите што ги извршуваат.

Партијата посочува и на загрижувачката состојба со музејските објекти во Крушево. Според информациите објавени на официјалните страници на музејската установа, Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република е затворен за посетители, Музејот на НОБ не е достапен за јавноста, додека Леарницата може да се посети само со претходна најава.

Од ЛДП оценуваат дека е недозволиво град со толкаво историско значење да има музеи кои не се целосно достапни за граѓаните, учениците и туристите.

Партијата бара Министерството за култура и туризам и останатите надлежни институции јавно да ја соопштат актуелната состојба на сите музејски објекти во Крушево, да прецизираат кога затворените музеи повторно ќе бидат ставени во функција и да ги образложат критериумите за назначување на новата в.д. директорка.

Дополнително, ЛДП бара конкретен план за заштита, реконструкција и редовно одржување на музејското наследство, како и утврдување одговорност за долгогодишната недостапност на дел од културните содржини.

„Културното наследство не е партиски плен, а националните споменици не се обичен простор за изнајмување. Крушево заслужува музеи што ќе бидат отворени, заштитени и достоинствено управувани“, порачуваат од ЛДП.

Од партијата најавуваат дека ќе продолжат да бараат транспарентност, одговорност и конкретни мерки за повторно заживување на музејската дејност во Крушево.

Слични вести