Конзорциум со печатница на екс градоначалник наплатил 3,6 милиони евра од МОН за учебници, а 1,5 милион евра „легнале“ кај издавач за само 3 месеци!

Додека вршевме проверка во „Отворени финансии“, внимание ни привлекоа неколку повисоки трансакции од МОН кон издавачката куќа „Арс Студио“, која за период од само 3 месеци примила 3 уплати од 45.331.143 денари (ноември), 19.726.680 денари (декември) и 26.354.040 денари (јануари), или вкупно речиси 1 и пол милиони евра. Како што објаснуваат од компанијата, исплатите се извршени по основ на договор за учебници по 4 предмети, така што се извршила дистрибуција на 102.604 ракописи во околу 350 училишта. Инаку, финансиските извештаи покажуваат значителен раст на фирмата во 2025 година, кога остварила приходи од безмалку 134 милиони денари и добивка од 75 милиони денари, што бездруго се должи на исплатите од МОН, кои за време на цела 2025 година изнесувале безмалку 2 милиони евра.

by vlatko 21:21
21:21

Текстот е објавен на 30 јули 2026 година во неделникот Фокус со број 1.608-1609.

Во текот на денешниот ден, беше објавена вест дека Националната комисија за учебници одлучила да повлече 14 учебници за седмо одделение од основното образование од различни причини – за дел од предметите веќе биле одобрени нови учебници, додека за други воопшто не било предвидено користење учебници. Неодамна, „Фокус“ објави сторија околу набавките на учебници по политичките промени, откога МОН прво во 2024 година склучи 16 договори за набавка на учебници во вкупна вредност од околу 3,2 милиони евра, по пат на преговoри без објавување на оглас. Но, според БЈН, веќе во следната 2025 година, Министерството на чело со Весна Јаневска спроведе отворена тендерска постапка за печатење и дистрибуција на учебници за основно и средно образование, во чии рамки склучи 2-годишна рамковна спогодба со друштвото „Бранко Гапо“ во износ од 6 милиони евра. Меѓутоа, еден од учесниците на тендерот – „Полиестердеј“, ја оспорил постапката, обвинувајќи дека таа е незаконски спроведена. Сепак, второстепената Комисија ја одби жалбата, па тендерот го доби компанијата „Бранко Гапо“, која настапила во групација со „Европа 92“, поврзана со поранешниот кочански градоначалник Ратко Димитровски. Според податоците што ги обезбедивме, МОН досега исплатил околу 3,7 милиони евра, што значи дека исцрпени се повеќе од половина од средствата предвидени со спогодбата. Арно ама, нејасно е колку од овие средства завршиле кај носителот на конзорциумот „Бранко Гапо“, а колку кон членот „Европа 92“, бидејќи од МОН велат дека си имаат работа со носителот, додека од двете компании одбиваат да ја појаснат поделбата на колачот. Додека вршевме проверка во „Отворени финансии“, пак, внимание ни привлекоа неколку повисоки трансакции од МОН кон издавачката куќа „Арс Студио“, која за период од само 3 месеци примила 3 уплати од 45.331.143 денари (ноември), 19.726.680 денари (декември) и 26.354.040 денари (јануари), или вкупно речиси 1 и пол милиони евра. Како што објаснуваат од компанијата, исплатите се извршени по основ на договор за учебници по 4 предмети, така што се извршила дистрибуција на 102.604 ракописи во околу 350 училишта. Инаку, финансиските извештаи покажуваат значителен раст на фирмата во 2025 година, кога остварила приходи од безмалку 134 милиони денари и добивка од 75 милиони денари, што бездруго се должи на исплатите од МОН, кои за време на цела 2025 година изнесувале безмалку 2 милиони евра.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

На една од последната собраниски седници за пратенички прашања, се отвори исклучително важната тема за состојбите во образованието, кое е еден од највиталните и најсензитивни сектори, ако не е и најбитен заедно со здравството.

Имено, дел од опозициските пратеници иницираа дискусија за конкретни проекти, односно за започнати но се уште недовршени училишта. Како и да е, оние објекти што почнале да се градат, кога-тогаш, и ќе се изградат, независно од околностите.

Но, она што претставува поголем проблем e кога постоечки долгогодишни училишта ставаат клуч на врата, бидејќи нема доволно ученици или поради други причини. А, ако бројот на ученици постојано опаѓа, не опаѓа бројот на паралелки и наставници.

Како што посочи министерката за образование и наука Весна Јаневска, се затвориле 124 училишта, истакнувајќи дека тоа не се случило со некаква одлука, туку спонтато, т.е. поради недостиг на ученици.

Сепак, таа увери дека тоа не значи оти наставници ќе останат без работа. Меѓутоа, истовремено нагласи дека тие треба повеќе време да минуваат во училиштата, за учениците да имаат подобри резултати.

–Вкупно часови настава на возраст од 6 до 14 години Македонија има 6. 816, Словенија 7. 559, просек на земјите на ОЕЦД се 7. 775 часови. За тоа се бори оваа Влада, за децата да стигнат до 7.775 часови и да не бидат последни на ПИСА. Не да ги отпуштиме наставниците, ниеден не изгубил работа – рече таа.

Во однос на бројот на ученици, таа рече дека во учебната 2025/2026 година има 172.412 ученици, додека предвидувањата за 2029/2030 година се 158.043 ученици.

–Во следниве 4 години ние сме изгубиле 4.000 новородени деца. Значи ова не е проблем на Владата на ВМРО и ВЛЕН коалициите. Ова е проблем на државата кој ние мораме да го решаваме – порача Јаневска.

„КАТАКЛИЗМА“ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Речиси секогаш кога опозиционерите ги критикуваат политиките во образованието, од власта, покрај останатото, им возвраќаат дека за време на нивното владеење недостигале учебници, а камоли да вовеле некоја крупна образовна реформа.

Дури, за време на отчетот што го даде Јаневска за изминативе 2 години министерување, меѓу другото, рече дека наследила „катаклизма“, но, порача таа, веќе образованието и науката „забрзано напредуваат“, а воспоставен е и „стабилен систем за навремена набавка и испорака на учебници“.

За волја на вистината, точно е дека своевремено имаше тешкотии со навремена и целосна дистрибуција на учебници за сите ученици, што како предизвик очигледно веќе не постои.

Арно ама, не смее да се постави исклучиво дилема дали ќе има учебници или не, туку какви се учебниците од кои учат децата и, се разбира, колку чини нивната изработка и достава, од проста причина што тоа тоа плаќаат сите граѓани што го полнат буџетот.

За потсетување, не така одамна беа обелоденети низа „скандали“ со фрапантни грешки во некои учебници, од типот дека Македонија на Исток граничи со Албанија, а на Запад со Бугарија, иако е обратно. Потоа, имаше сосема грешни податоци за Монт Еверест и Мртвото Море итн.

Поради сите овие аномалии, на крајот на 2024 година беше донесен Закон за учебници во основното и средното образование, со цел системски да се решат проблемите со долгогодишниот недостиг, доцнењето и лошиот квалитет на наставните материјали.

–Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици… За прв пат после седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик…  Повеќе нема предмети без учебници – рече Јаневска во пресрет на учебната 2025/2026 година.

Каква е ситуацијата за следната 2026/2027 година, за која се најавени милион и пол учебници? Според директорот на Педагошката служба при МОН, Роберт Аџипетров, донесени се 48 одлуки за одобрување учебници во основно образование и средно образование, како и 22 одлуки за одобрување учебници по странски јазици.

–Со тоа се надмина гапот да имаме недостаток на овие учебници… Утврдена е и формула за пресметка на цена на учебниците, со што се надмина праксата во минатото кога цените се утврдуваа зад затворени врати и во четири очи – неодамна изјави тој.

ДОГОВОРИ ПРЕКУ ПРЕГОВОРИ

Кога се говори за учебниците, треба да се наведе дека веднаш откако се формираше новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а министерка за образование стана Јаневска, МОН склучи десетина договори за откуп и дистрибуција на учебници (плус дидактички материјал) за основното и за средното образование за учебната 2024/2025 година.

Практично, заеднички именител на сите овие договори за јавна набавка е тоа што беа склучени во јули 2024 година, значи непосредно пред почетокот на учебната година, и тоа не по пат на вообичаената и најприменувана отворена тендерска постапка, туку во постапка со директно преговарање без претходно објавување на оглас.

Конкретно, МОН склучи 5 договори за набавка на учебници за основното образование со 5 компании, во вкупна вредност од над 122 милиони денари или скоро 2 милиони евра, при што највисоки беа договорите со „Арбериа Десигн“ и „Арс Ламина“ од околу 58 милиони денари, односно 53 милиони денари, додека останатите 3 се далеку пониски договори.

Што се однесува до учебниците за средно образование, МОН тогаш склучи 11 договори по пат на преговарање, чија вкупна вредност изнесуваше над 77 милиони денари или околу 1,2 милиони евра, при што највисоки беа договорите со „Арс Ламина“ од 48 милиони денари, со „Просветно дело“ од 21 милион денари итн.

Оттука, во тој период по политичките промени, односно среде летниот распуст во пресрет на учебната 2024/2025 година, МОН на чело со Јаневска, по пат на преговори, склучи 16 договори за набавка на учебници во вкупна вредност од околу 3,2 милиони евра.

Но, веќе во следната 2025 година МОН склучи еден милионски договор за печатење и дистрибуција на учебници за основно и средно образование за период од 2 години (2025/2026 и 2026/2027), кој не бил склучен по пат на преговори, туку по спроведена отворена тендерска постапка.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, МОН го склучи овој двогодишен договор со друштвото „Бранко Гапо“ во износ од 369 милиони денари или 6 милиони евра. Поточно, се работи за рамковна спогодба, врз основа на која двете страни може да склучуваат посебни договори за учебници, при што нивната вкупна сума не може да надмине 6 милиони евра.

Притоа, „Бранко Гапо“ го доби вредниот тендер во конкуренција на уште 2 понудувачи, а еден од нив е „Полиестердеј“. Она што е интересно, оваа компанија поднела жалба до второстепената Комисија за жалби по јавни набавки против одлуката на МОН да склучи договор со „Бранко Гапо“…

МОНОПОЛСКО ОДНЕСУВАЊЕ?!

Меѓу другото, „Полиестердеј“ навел дека ја поднесува жалбата заради „крајно сомнителни и наметнати необјективни критериуми“, со кои „тенденциозно и неоправдано“ се прекршени начелата за конкуренција, недискриминација и сразмерност преку „силно, неразумно и неоправдано попречување на пазарната конкуренција и принципите на правда, правичност, еднаквост“.

Како што стои во решението на Комисијата за жалби, Комисијата за јавни набавки при МОН ја оценила понудата на „Полиестердеј“ како неприфатлива, бидејќи не го исполнувала минималниот критериум да има 60 монографски публикации со наслов, во колор техника (во боја 4/4), од кои најмалку 20 да бидат со тираж поголем од 6.000.

Според компанијата-жалител, вака објавената тендерска документација ги доведувала во заблуда економските оператори, бидејќи, се наведува во жалбата, економскиот оператор и неговата понуда се оценети како неприфатливи без да се земе во предвид фактот дека бил доставен доказ оти поседува точно 6.000 публикации.

„Комисијата го одбива економскиот оператор со причина дека има точно 6.000 монографски публикации, односно бројот на публикации не е поголем од 6.000… Дали поседувањето и исполнувањето на критериумот од 6.000 публикации го прави понеспособен економскиот оператор од економскиот оператор кој на пример ќе има 6.001 публикација?

На овој начин, со вакви недоречености, договорниот орган си направил само простор да ги елиминира сите оператори и да направи пат за оние за кои имал претензии да го добијат договорот за јавна набавка“, смета жалителот, според кого договорниот орган врши „неприродна селекција на конкуренцијата и фаворизира монополско однесување“.

Од друга страна, МОН во одговор на жалбата навел дека било констатирано оти жалителот има 13 монографски публикации со тираж поголем од 6.000 и 7 монографски публикации со тираж од 6.000 што, како што нотира, не е поголем од 6.000 и со тоа јасно е дека не го исполнува условот.

На крајот, Комисијата за жалби го донела последниот збор дека жалбените наводи на „Полиестердеј“ се навремени, додека, постапувајќи по службена должност и по увидот во записникот од извршената управна контрола, утврдила дека се тие се и неосновани.

„Тендерската документација е изготвена според потребите на договорниот орган и согласно Законот за јавни набавки. Со право договорниот орган го елиминирал жалителот како неприфатлив, бидејќи истиот не го исполнил условот за утврдување на техничката и професионална способност“, наведува Комисијата, отфрлувајќи ја жалбата.

ПОЛУИСЦРПЕНА СПОГОДБА

Па, по сето тоа, МОН склучил договор со „победникот“, т.е. со „Бранко Гапо“, кој, патем речено, не настапил самостојно, туку предводел групација во која членувала една добро позната компанија, а тоа е кочанската печатница  „Европа 92“, поврзана со поранешниот кочански градоначалник Ратко Димитровски и неговото семејство.

Во однос на тоа, од МОН ни изјавија дека преку Педагошката служба склучиле договор со „Бранко Гапо“ за печатење на учебници чии авторски права се во сопственост на Министерството, така што, од предвидените 369.600.000 денари со вклучен ДДВ, досега се реализирани 230.336.242 денари, што значи дека остануваат уште 139.263.748 денари.

„Компаративно, истата јавна набавка во период на 2 претходни учебни години (2024/25 и 2023/24) изнесуваше 3,9 денари за тираж од 0 до 7.000 и 3,45 денари за тираж од над 7.001, додека пак јавната набавка за учебните 2025/26 и 2026/27, период за кој се однесуваат Вашите прашања, е со цена од 2,9 денари за сите тиражи“, велат од таму.

На тој начин, се доаѓа до заклучок дека од досега максимално предвидените околу 6 милиони евра, колку што изнесува рамковната спогодба, исцрпени, потрошени или реализирани, сеедно, се околу 3,7 милиони евра, што претставува повеќе од половина од максимално предвидените средства.

Иако добивме информација што не ја баравме дека МОН постигнал пониска цена за печатење во споредба со претходниот тендер за истата намена, сепак, истовремено не добивме одговор на едно од прашањата што го упативме, а тоа гласи колку од средствата се исплатени кон носителот на групацијата што го добила тендерот, а колку кон членот?

Затоа, се обративме до самите компании. Од фирмата „Бранко Гапо“, која го склучила договорот со МОН како предводник на групацијата, до затворањето на овој број на весникот не добивме никаков одговор на нашите прашања. Единствено, кус одговор добивме од „Европа 92“, од каде велат:

„Го цениме Вашиот интерес и Ве информираме дека за сите прашања ви стојат на располагање јавно достапни информации кои може да ги видите во рамковната спогодба помеѓу Бранко Гапо и МОН, која е јавно објавена на ЕСЈН. Што се однесува до финансискиот дел и исплатите, погледнете ги финансиските извештаи на Министерството…“

Всушност, овој „одговор“ не претставува содржински одговор на нашите прашања, со тоа што едно од нив гласеше зошто компанијата не учествувала самостојно на тендерот или пак не предводела групација, како порано? Зарем во таков случај не ги исполнува бараните услови и критериуми?

СТАРА СОРАБОТКА

Како што е познато, „Европа 92“ своевремено директно учествуваше на тендерите за откуп и дистрибуција на учебници и склучуваше договори, како што беше случај во 2023 година, кога МОН склучи рамковна спогодба со оваа компанија за учебните 2023/24 и 2024/25 година од 600 милиони денари или над 10 милиони евра.

Проверките покажуваат дека на овој тендер „Европа 92“ настапила во групација, каде член била „Бранко Гапо“, субјектот кој беше носител на конзорциумот што го доби последниот тендер за учебници за 2025/2026 и 2026/2027 година. Зошто во меѓувреме двете фирми си ги смениле улогите? Дали тоа е направено со цел вториот член на групата да не боде толку очи? Не добивме одговор.

Покрај тоа, битно е да се потсети дека „Европа 92“ го доби и најголемиот дел или лот од делливиот тендер за учебници за учебната 2022/2023 година, така што МОН во 2022 година склучи договор со ова друштво во износ од 286 милиони денари или 4,6 милиони евра. И тогаш дел од групацијата предводена од „Европа 92“ била фирмата „Бранко Гапо“.

Тогаш, овој договор меѓу МОН и „Европа 92“ предизвика јавно внимание и актуелност, затоа што конкурентите се жалеле на постапката, бидејќи биле исклучени независно што понудиле двојно пониска цена и сл. Сепак, второстепената Комисија ја отфрлила нивната жалба, впрочем исто како и сега.

Во секој случај, во сите овие тендери учествувал двоецот „Европа 92-Бранко Гапо“, со тоа што на последниот минатогодишен тендер за првпат одлучиле да ги заменат местата во заедничката групација или конзорциум.

Наместо одговори зошто тоа се случило, од „Бранко Гапо“ изостана било каква реакција, додека од „Европа 92“ не упатуваат одговорите на нашите прашања да ги бараме во рамковната спогодба склучена меѓу МОН и носителот на групацијата.

Меѓутоа, рамковната спогодба дава податоци за цената на чинење, динамиката на испорака и плаќање и др., но не открива колку од обврските од овој договор исполнува вториот член на конзорциумот „Европа 92“, и следствено на тоа – колку јавни средства инкасирала компанијата на поранешниот функционер, кој беше обвинет и во случајот „Поштенска банка“?!

Воедно, од таму, условно кажано, не советуваа одговори да побараме и во финансиските извештаи на МОН, меѓутоа, барем колку што успеавме да утврдиме, Министерството не објавува извештаи со исплати кон економски оператори со кои има склучено договор, а уште помалку објавува колку средства се исплатени кон компании кои биле членови на конзорциум.

НАДВОР ОД ЕВИДЕНЦИЈА

Во потрага по одговори на овие прашања, извршивме увид во системот „Отворени финансии“, каде може да се види дека единствените исплати од МОН кон „Бранко Гапо“ биле извршени во периодот 2025-2026 година, што значи дека тоа е направено врз основа на договорот за учебници склучен на средината на ланската година.

Така, Министерството кон оваа компанија исплатило вкупно 230 милиони денари или околу 3,7 милиони евра, како што не извести и МОН, и тоа преку 6 одделни трансакции, од кои најголеми биле оние во август 2025 година од 105.592.671 денари и во мај 2026 година од 104.080.448 денари.

Доколку се направи преглед за периодот од јуни лани досега, односно за перидот откако трае 2-годишната рамковна спогодба за учебници за 2025/2026 и 2026/2027 година, тогаш ќе се увиди дека не е регистрирана ниту една исплата кон „Европа 92“.

Врз основа на тоа, може да се констатира дека со позиционирањето како член на групацијата наместо како носител, се оневозможува увид колку средства наплатила „Европа 92“ од бизнисот со учебници, туку тоа е во доменот на деловен однос со носителот „Бранко Гапо“, кој, пак, одбива да достави ваква и било каква друга информација.

Со други зборови, МОН склучил договор и врши исплати кон „Бранко Гапо“, а оваа компанија има обрвски кон „Европа 92“, поради што обемот на работа и висината на средствата што ги добива „Европа 92“ не се јавно евидентирани, туку имаат одреден чадор на тајност и заштита.

Додека вршевме проверка на овие исплати, ни привлекоа внимание неколку повисоки трансакции евидентирани од МОН кон приватна компанија, која перидов ја нема во системот на БЈН дека склучила вреден договор за јавна набавка.

Станува збор за друштвото „Арс Студио Тамара“ основано во 2000 година, чиј единствен сопственик е Тамара Јовановиќ-Нешовска, која воедно се јавува и како управител на компанијата со издавачка дејност.

Освен што склучила релативно мал договорот за учебници со МОН во 2024 година од еден милион евра, оваа компанија склучила вреден договор со Министерството во 2023 година, кој се однесувал за стручна редакција, графичко-техничко уредување и превод на учебници за учебните 2023/24 и 2024/25, чија вредност била 320 милиони денари или 5,2 милиони евра.

И овде се работи за рамковна спогодба, која не била исцрпена во целост, со оглед на тоа што во нејзини рамки, според достапните иформации, биле склучени договори во вкупен износ од 78 милиони денари или 1,2 милиони евра.

Имајќи во предвид дека ова е 2-годишен договор, тој траел заклучно со август 2025 година, што значи дека сите исплати од МОН кон оваа компанија оттогаш до денес се по основ на друг договор меѓу двете страни.

ПРИХОДИ ОД БУЏЕТОТ

Во рамки на проверките што ги извршивме и увидот што го направивме, може да се забележат неколку трансакции од МОН кон „Арс Студио“ кои драстично и значително отскокнуваат во споредба со останатите.

Поточно, во период од само 3 месеци на преминот од 2025 кон 2026 година, МОН извршил 3 уплати кон оваа компанија од 45.331.143 денари (ноември), 19.726.680 денари (декември) и 26.354.040 денари (јануари), што претставува вкупно 91.411.863 денари или речиси 1 и пол милион евра.

Како што не информираа од МОН, наведените износи произлегуваат од Договор за откуп и дистрибуција на учебници за основно образование за учебната 2025/2026 година, кој, велат од таму, се врши секоја година согласно побарувањата од страна на училиштата, со каталошка цена и тираж од сите училишта.

„Воедно, постапката за откуп се врши со сите издавачи кои имаат решение/одлука за одобрување и употреба на учебник, меѓу кои е и издавачот Арс Студио“, ни одговорија од Министерството.

Исто така, се обративме и до „Арс Студио“, од каде објаснуваат дека исплатите се извршени по основ на Договор бр. 10-10464/63 од 27.08.2025 година, кој се однесува за учебници по англиски јазик за 6, 7, 8 и 9 одделение, за учебници по италијански јазик за 6 одделение, за учебници по руски јазик за 6, 7, 8 и 9 одделение и за учебник по физика за 7 одделение.

„За овие учебници се изврши дистрибуција во околу 350 училишта на територијата на цела држава во вкупна бројка од 102.604 примероци. Учебниците се откупени од страна на Министерството за образование и наука по каталошка вредност согласно Уредба утврдена од страна на Владата“, велат од компанијата.

Инаку, финансиските извештаи покажуваат раст на „Арс Студио“ во последните неколку години, па ако во 2024 година остварила приходи од 67 милиони денари и добивка од 41 милиони денари, веќе во 2025 година приходите пораснале на безмалку 134 милиони денари, а добивката достигнала 75 милиони денари.

Бездруго, за ваквиот раст од 100 проценти за една година голем удел имале и исплатите од МОН, кои за време на 2025 година надминале 121 милиони денари или нецели 2 милиони евра, што укажува дека јавните средства лани учествувале во над 2 третини во структурата на приходи на компанијата.

За појаснување, МОН не ги откупува правата врз учебниците на тендер, туку во поинаква постапка, која предвидува објавување на оглас, по што издавачите конкурираат, а нивните понуди ги оценува стручна комисија, која дава одобрение или согласност, по што МОН склучува договор со избраниот издавач…

РЕШЕНИЈА ЗА УЧЕБНИЦИ

Во оваа смисла, да потсетиме на една изјава на Јаневска, која лани рече дека за прв пат после 7 години учениците ќе добијат и учебници по странски јазици (по англиски, француски, германски и италијански јазик), додека Аџипетров изјави дека со десетици одлуки за одобрување учебници по странски јазици се надминува состојбата со недостаток на овие учебници.

Од досега изнесеното, произлегува дека за значаен дел од овие нови учебници, односно за учебниците по англиски и италијански јазик, бил склучен договор со друштвото „Арс Студио“, кое, плус за руски јазик и физика, доставило 102.604 примероци, за што само преку 3 трансакции добила скоро 1,5 милиони евра од МОН, додека во текот на цела ланска година инкасирала 2 милиони евра.

Од увидот во базата е-учебници што ја води Педагошката служба при МОН, пак, може да се утврди дека за предметите во основно и средно (гимназиско и стручно) образование, за време на ланската 2025 година одобрени се учебници на повеќе издавачи, меѓу кои често може да се сретне „Арс Студио“.

Тоа се веќе споменатите учебници за англиски јазик за 6, 7, 8 и 9 одделение, за италијански јазик за 6 одделение, за руски јазик за 6, 7, 8 и 9 одделение, плус физика за 7 одделение, меѓутоа донесени се решенија со кои на компанијата и се одобруваат и други учебници.

Тука спаѓаат албански јазик за 4, 5 и 6 одделение, физика на босански јазик за 7 одделение, македонски јазик, турски јазик, географија и географија на босански јазик за 8 одделение, како и македонски јазик за заедниците, француски јазик, италијански јазик, руски јазик, географија и спорт за прва и втора година средно гимназиско образование.

 

ВКУПНО 124 УЧИЛИШТА СЕ ЗАТВОРИЛЕ ЗА ЕДНА УЧЕБНА ГОДИНА!

 

Не се затвораат училиштата како правни субјекти, туку станува збор за привремено затворање на подрачни училишни објекти, доколку во местата каде што се лоцирани нема дечиња на училишна возраст, велат од Министерството за образование.

 

„Во последната учебна 2025-2026 година, вкупно 124 подрачни училишни објекти во рурални средини не се запишани ученици и поради тоа не се во функција“, нè информираа од МОН.

Издавачка куќа наплатила 1,5 милиони евра од МОН за само 3 месеци, а за цела година инкасирала 2 милиони евра за учебници!

 

Слични вести