На Клиниката за психијатрија во првите седум месеци од 2026 година се евидентирани 101 пациент со растројства поврзани со стрес поради претрпено семејно или партнерско насилство, додека во целата 2025 година биле регистрирани 79 вакви случаи.
Податоците покажуваат значително зголемување на бројот на пациенти што побарале психијатриска помош, но од Клиниката предупредуваат дека тоа не мора да значи и зголемување на самото насилство во општеството.
Податоците се добиени преку ретроспективна анализа на електронските здравствени записи во системот „Мој Термин“, за периодот од јануари 2025 до јули 2026 година.
Анализирани биле пациентите со дијагнози од групата F43, која опфаќа растројства поврзани со стрес, кај кои во медицинската документација било евидентирано семејно или интимно-партнерско насилство.
Најмногу случаи годинава биле регистрирани во март, кога психијатриска помош побарале 27 пациенти. Во април биле евидентирани 23, а во јуни 21 пациент.
Од Клиниката посочуваат дека периодот со најмногу регистрирани случаи се совпаѓа и со трагичниот случај во Скопје, во кој мајка и нејзиното дете го загубија животот по пад од балкон, а случајот беше поврзан со пријави за долгогодишно семејно насилство.