Издавачка куќа наплатила 1,5 милиони евра од МОН за само 3 месеци, а за цела година инкасирала 2 милиони евра за учебници!

Министерството за образование и наука, во период од само 3 месеци (ноември 2025-јануари 2026), извршило 3 уплати кон друштвото „Арс Студио“ од вкупно 1,5 милиони евра. Како што пишува неделникот „Фокус“, тие се извршени согласно Договор за откуп и дистрибуција на учебници за основно образование за учебната 2025/2026 година, врз основа на кој компанијата извршила дистрибуција на 102.604 примероци во околу 350 училишта, главно на учебници по странски јазици. Во текот на цела ланска 2025, пак, од МОН кон оваа издавачка куќа се регистрирани трансакции од скоро 2 милиони евра, колку што изнесуваат нејзините безмалку целокупни приходи во оваа година, од кои повеќе од половина биле чиста добивка.

by vlatko 14:21
14:21

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Веднаш откако нова министерка за образование стана Весна Јаневска по политичките промени во 2024 година, Министерството за образование и наука склучи 16 договори за набавка на учебници во вкупна вредност од околу 3,2 милиони евра, по пат на преговори без објавување на оглас.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, веќе во следната 2025 година Министерството спроведе отворена тендерска постапка за печатење и дистрибуција на учебници за основно и средно образование, во чии рамки склучи 2-годишна рамковна спогодба со друштвото „Бранко Гапо“, во износ од 6 милиони евра.

Меѓутоа, еден од учесниците на тендерот – „Полиестердеј“, ја оспорил постапката, обвинувајќи дека таа е незаконски спроведена. Сепак, второстепената Комисија за жалби по јавни набавки ја одби жалбата, па беше склучен договор со победникот „Бранко Гапо“, кој на тендерската постапка не настапил самостојно, туку во групација со „Европа 92“, поврзана со поранешниот кочански градоначалник Ратко Димитровски.

Според информациите до кои дојдовме од МОН, досега исплатени се околу 3,7 милиони евра, што значи дека исцрпени се повеќе од половина од средствата предвидени со спогодбата. Арно ама, нејасно е колку од нив завршиле кај носителот на конзорциумот „Бранко Гапо“, а колку кон членот „Европа 92“, бидејќи од МОН велат дека си имаат работа со носителот, додека од двете компании одбиваат да ја појаснат поделбата на колачот.

Како и да е, додека вршевме проверка во системот „Отворени финансии“, внимание ни привлекоа неколку повисоки трансакции од МОН кон трета компанија, која за период од само неколку месеци примила 3 уплати од вкупно речиси 1,5 милиони евра. Станува збор за друштвото „Арс Студио Тамара“ основано во 2000 година, чиј единствен сопственик е Тамара Јовановиќ-Нешовска, која воедно се јавува и како управител на компанијата со издавачка дејност.

Освен што склучила релативно мал договор за учебници со МОН во 2024 година од еден милион евра, оваа компанија склучила вреден договор со Министерството во 2023 година за стручна редакција, графичко-техничко уредување и превод на учебници за учебните 2023/24 и 2024/25, чија вредност била 320 милиони денари или 5,2 милиони евра. И овде се работи за рамковна спогодба, во чии рамки, според официјалните податоци, биле склучени договори во вкупен износ од 78 милиони денари или 1,2 милиони евра.

Имајќи во предвид дека ова е 2-годишен договор, тој траел заклучно со август 2025 година, што значи дека сите исплати од МОН кон оваа компанија оттогаш до денес се по основ на друг договор меѓу двете страни. При увидот што го извршивме, во периодот потоа можеа да се забележат неколку трансакции од МОН кон „Арс Студио“ кои драстично отскокнуваат во споредба со останатите.

Поточно, во период од само 3 месеци на преминот од 2025 кон 2026 година, МОН извршил 3 уплати кон оваа компанија од 45.331.143 денари (ноември), 19.726.680 денари (декември) и 26.354.040 денари (јануари), што претставува вкупно 91.411.863 денари или речиси 1,5 милиони евра. Врз основа на каков договор се извршени овие трансакции?

Како што не информираа од МОН, наведените износи произлегуваат од Договор за откуп и дистрибуција на учебници за основно образование за учебната 2025/2026 година, кој се вршел секоја година „согласно побарувањата од страна на училиштата, со каталошка цена и тираж од сите училишта“. Воедно, од таму додаваат дека постапката за откуп се врши со сите издавачи кои имаат решение/одлука за одобрување и употреба на учебник, меѓу кои е и издавачот Арс Студио“.

Исто така, се обративме и до оваа компанија, од каде посочуваат дека исплатите се извршени по основ на Договор бр. 10-10464/63 од 27.08.2025 година, кој се однесува за учебници по англиски јазик за 6, 7, 8 и 9 одделение, за учебници по италијански јазик за 6 одделение, за учебници по руски јазик за 6, 7, 8 и 9 одделение и за учебник по физика за 7 одделение.

„За овие учебници се изврши дистрибуција во околу 350 училишта на територијата на цела држава во вкупна бројка од 102.604 примероци. Учебниците се откупени од страна на Министерството за образование и наука по каталошка вредност согласно Уредба утврдена од страна на Владата“, велат од друштвото.

Кога ќе се погледнат финансиските извештаи, пак, тие покажуваат значителен раст на „Арс Студио“ во последните неколку години. Така, ако во 2024 година компанијата остварила приходи од 67 милиони денари (над 1 милион евра) и добивка од 41 милиони денари (околу 666 илјади евра), веќе во 2025 година приходите пораснале на безмалку 134 милиони денари (над 2,1 милиони евра), додека добивката достигнала 75 милиони денари (над 1,2 милиони евра).

Бездруго, за ваквиот енормен раст за повеќе од двојно за една година голем удел имале и буџетските исплати од МОН, кои за време на цела 2025 година, според пресметката што ја извршивме, надминале 121 милиони денари, односно достигнале нецели 2 милиони евра, што укажува дека јавните средства лани заземале најголем дел во структурата на приходи на компанијата со учество од над 90 проценти. Всушност, од 2,1 милион евра вкупни приходи, 2 милиони евра биле јавни средства, а добивката изнесувала 1,2 милиони евра, што е повеќе од половина од приходите.

Инаку, МОН не ги откупува правата врз учебниците на тендер, како што ангажира економски оператор за печатење на учебници, туку тоа го прави во поинаква постапка, која предвидува објавување на оглас, по што издавачите конкурираат, а нивните понуди ги оценува стручна комисија, која дава одобрение или согласност, по што МОН склучува договор со избраниот издавач.

За потсетување, министерката Јаневска лани изјави дека за прв пат после 7 години учениците ќе добијат и учебници по странски јазици (по англиски, француски, германски и италијански јазик), а првиот човек на Педагошката служба Роберт Аџипетров истакна дека со десетици одлуки за одобрување учебници по странски јазици се надминува состојбата со недостаток на овие учебници.

Имено, за значаен дел од овие нови учебници, односно за учебниците по англиски и италијански јазик, бил склучен договор со друштвото „Арс Студио“, кое, плус за руски јазик и физика, доставило 102.604 примероци, за што веќе наведовме дека само преку 3 трансакции добила скоро 1,5 милиони евра од МОН, додека во текот на цела ланска година инкасирала 2 милиони евра, што претставува скоро целокупниот приход што го остварила оваа компанија во текот на годината.

Како што е познато, на крајот на 2024 година беше донесен и нов Закон за учебници во основното и средното образование, со цел, како што беше најавено, системски да се решат проблемите со долгогодишниот недостиг, доцнењето и лошиот квалитет на наставните материјали… Во меѓувреме, само во последната учебна 2025-2026 година биле затворени 124 подрачни училишни објекти.

„Не се затвораат училиштата како правни субјекти, туку станува збор за привремено затворање на подрачни училишни објекти, доколку во местата каде што се лоцирани нема дечиња на училишна возраст“, објаснуваат од Министерството за образование.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Слични вести