Откако „Фокус“ објави дека договорот на Град Скопје со друштвото „Мастеф“ за изработка на проект и за набавка и монтажа на 16 реквизити за новиот луна-парк тежок 10 милиони евра бил раскинат, се огласија од Градот, соопштувајќи дека, сепак, новиот забавен парк ќе биде завршен согласно ветениот рок, т.е. до крајот на следната 2027 година.
„Скопје ќе добие современ луна-парк, кој ќе ја врати детската смеа и ќе создаде ново место за забава и заеднички семејни моменти. По една деценија без еден од омилените простори на најмладите, Град Скопје останува посветен на реализацијата на проектот во рокот предвиден во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски – до крајот на 2027 година.
Новиот луна-парк е замислен како модерен забавен комплекс со разновидни содржини за различни возрасти. Покрај класичните забавни реквизити, предвидени се ролеркостер, панорамско тркало, водени атракции, интерактивни игри и зони за виртуелна реалност, кои ќе понудат целосно ново доживување за посетителите.
Во однос на постапките за набавка и спогодбеното раскинување на договорот склучен по новиот тендер, Град Скопје ја информира јавноста дека станува збор за одлука со која се избегнува двојна набавка на исти реквизити и се обезбедува одговорно трошење на јавните средства.
Имено, по раскинувањето на претходниот договор за набавка на реквизити, склучен во времето на градоначалникот Коце Трајановски, фирмата повела судска постапка против Град Скопје. Судската одлука во корист на фирмата, со која Градот има обврска да ги плати реквизитите, била донесена откако веќе бил склучен договорот по новиот тендер.
Бидејќи новата набавка опфаќала и реквизити предвидени со претходниот договор, било решено новиот договор да се раскине спогодбено. Со тоа се спречува непотребно дуплирање на опремата и дополнително оптоварување на градскиот буџет.
Оваа одлука не го менува рокот за изградба на новиот луна-парк. За еден месец ќе започне монтирањето на 7-те реквизити набавени со претходниот договор, паралелно со уредувањето на просторот, за да се создадат услови овој дел од паркот да започне со работа.
Со новиот тендер што дополнително ќе биде објавен ќе се набават дополнителни реквизити, меѓу кои ролеркостер и панорамско тркало, со кои ќе се заокружи понудата на забавни содржини. На овој начин, вредноста на новиот договор ќе биде помала од 10 милиони евра“, соопштија од локалната самоуправа.
Оттука произлегува дека договорот со „Мастеф“ склучен во мај годинава бил раскинат спогодбено во август, откако Градот го загубил судскиот спор покренат од фирма со која пред повеќе години бил склучен договор за набавка на реквизити, кои, според официјалните најави, во следниот период ќе бидат монтирани, додека за дополнителен број на реквизити ќе се објави и спроведе нов тендер.
Проверките што ги извршивме во Бирото за јавни набавки покажуваат дека Град Скопје своевремено склучил договори со неколку компании поврзани со реализација на проектот за изградба на нов луна-парк. Имено, овие договори се склучени на крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, кога всушност завршува вториот градоначалнички мандат на Трајановски.
Прво, Град Скопје во август 2016 година склучува договор со „Жикол“ за изградба на забавен парк-Скопје, чија вредност изнесувала 101 милиони денари или над 1,6 милиони евра. Неколку месеци подоцна, пак, Градот спроведува деллива јавна набавка за набавка на реквизити, во чии рамки склучува 7 договори со 2 компании за набавка на 7 реквизити, во вкупна вредност од 130 милиони денари или околу 2,1 милион евра.

Прво, во ноември 2016 година, Град Скопје склучува 2 договори со „Ивама Трејд“ за набавка на 2 реквизити, во вкупна вредност од околу 13 милиони денари или 211 илјади евра. Во февруари следната 2017 година, пак, Градот склучува 5 договори со „Боминг“ за набавка на 5 реквизити, во вкупна вредност од околу 117,5 милиони денари или 1,9 милиони евра.
Во регистарот на судски пресуди, пак, пронајдовме одлука на Врховниот суд донесена во март годинава (пред потпишувањето на договорот со „Мастеф“ во мај), која покажува дека компанијата „Боминг“ го тужела Град Скопје во врска со набавката на реквизити, така што првостепената пресуда на Основниот граѓански суд, иако нецелосно, сепак генерално била во корист на компанијата. Арно ама, второстепениот Апелациски суд ја преиначува оваа пресуда во корист на Градот, поради што приватната компанија побарала ревизија од страна на највисокиот суд, кој се изјаснил негативно.

Впрочем, оваа пресуда открива дека скопскиот граѓански суд во 2022 година делумно го усвоил тужбеното барање на тужителот „Боминг“ против тужениот Град Скопје, утврдувајќи дека со допис биле раскинати договорите за набавка на следниве 5 реквизити: „Техно-скок“, „Конвој“, „Возот ел пасо“, „Небесен пад“ и „Скокај наоколу“. Поточно, договорите биле раскинати од страна на компанијата-добавувач, која сметала дека Градот неосновано активирал банкарски гаранции.
Така, основниот суд го задолжил Град Скопје, поради неосновано активирање на банкарска гаранција, да му исплати на тужителот „Боминг“, на име на надомест на материјална штета, 3.447.016 денари со законска казнена камата за реквизитот „Техно-скок“, 1.354.640 денари за „Конвој“, 181.012 денари за „Возот ел пасо“, 6.150.986 денари за „Небесен пад“ и 616.845 денари за „Скокај наоколу“.
Дополнително, првостепениот суд го задолжил тужениот, на име надомест на штета во вид на испуштена корист, да му плати на тужителот износ од 20.897.854 денари со законска казнена камата во висина на референтната стапка на Народна банка, што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за 10 процентни поени сметано од пресудувањето на 25.10.2022 година до исплатата.
Меѓутоа, овој суд го одбил како неосновано поголемото барање на тужителот да се задолжи тужениот на износот од 20.897.854 денари да се досуди законска казнена камата во висина на референтната стапка на Народна банка, што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за 10 процентни поени сметано од 05.02.2020 година (ден на поднесување на тужбата) до 24.10.2022 година.
Во таква ситуација, „Боминг“ се обратил до второстепениот апелациски суд, кој, пак, со пресуда во 2024 година ја отфрлил жалбата како неоснована. Но, истовремено се жалел и Град Скопје, така што апелација ја усвоила жалбата на Градот и ја преиначил првостепената пресуда, на начин што го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот да се исплатат средства по раскинатите договори на име на надомест на материјална штета, како и да се исплати надомест на штета во вид на испуштена корист.
Па, против оваа второстепена пресуда „Боминг“ го искористил правото да побара ревизија од страна на Врховниот суд, поради, според компанијата-тужител, суштествени повреди на одредбите од парничната постапка и погрешна примена на материјалното право, со предлог ревизијата да се усвои, второстепената пресуда да се преиначи на начин што ќе се потврди првостепената пресуда, а тужениот да се задолжи со трошоци во постапката.
Одговор поднел и тужениот преку полномошник, со кој ги побивал наводите во ревизијата и предложил таа да се одбие како неоснована. На крајот, по проучување на списите во предметот, наводите во ревизијата и одговорот на ревизијата, испитувајќи ја побиваната пресуда, Врховниот суд одлучил дека се одбива како неоснована ревизијата на спорот во вредност од околу 32 милиони денари или 520 илјади евра.
„Неоснован е наводот за сторена суштествена повреда од член 343 став 2 точка 14 од Законот за парничната постапка, односно дека побиваната пресуда е противречна и има недостатоци поради кои не може да се испита. Ова, од причина што побиваната пресуда е јасна и разбирлива, содржи доволно образложени причини за решителните факти и истата може да се испита. Неоснован е наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право, ако се има предвид утврдената фактичка состојба“, стои, меѓу другото, во пресудата.
Понатаму, Врховниот суд оценил дека понискиот апелациски суд правилно го применил материјалното право кога го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот „Боминг“, од причина што е утврдено дека тужителот со допис еднострано ги раскинал договорите за набавка, транспорт и монтажа на реквизити од 2017 година, иако, според пресудата, од страна на тужениот Град Скопје договорите биле исполнети во претежен дел од 80 проценти, односно тужениот извршил уплата на 80 проценти од вкупната договорена сума по сите 5 договори.
„Во случајот, според утврденото, тужениот (Град Скопје) исплатил 80% од својата договорна обврска, што значи дека тужениот своите договорни обврски ги исполнил во значителен дел. Од друга страна, пак, и тужителот („Боминг“) постапил по налог на тужениот и ги набавил реквизитите, односно неговото постапување било во фаза на пред монтирање на реквизитите, што значи дека и тужителот во претежен дел ги исполнил обврските по договорите.
Притоа, по однос на реализација на договорите произлегува дека тужениот бил совесен во исполнување на договорите и до моментот на едностраното раскинување на договорите, од страна на тужениот 80% од договореното цената била исплатена и со ниту еден доказ тужителот не презентирал дека тужениот паднал во задоцнување со плаќањето на обврските. Напротив, тужениот бил во претплата, единствено тужениот бил во задоцнување со подготовката на градилиштето за монтирање на реквизитите.
Од своја страна, пак, тужителот не ги испочитувал своите договорни обврски предвидени со член 3 и член 17 од сите 5 договори, затоа што не ги испорачал, ниту монтирал платените реквизити, ниту пак пуштил во употреба било кој од реквизитите, иако за тоа му било платено од страна на тужениот, во 80% од договорената сума“, се наведува во пресудата.
Исто така, Врховниот суд оценил дека неосновани се и наводите во ревизијата дека тужениот Град Скопје не го вовел тужителот „Боминг“ во работа да се монтираат реквизитите, туку напротив – барал дополнителен рок за да ја реализира последната фаза од договорот, па тужителот со допис од 2019 година го известил тужениот дека ги раскинува предметните договори, поради што смета дека тужениот имал обврска да му ги врати банкарските гаранции, кои наместо тоа биле активирани.
„Во ситуација кога тужениот (Град Скопје) извршил уплата од 80% од вкупната договорена сума предвидена со 5-те договори, а тужителот („Боминг“) набавените реквизити не му ги предал во владение на тужениот, туку истиот неосновано ги раскинал предметните договори, според овој суд, станува збор за неосновано еднострано раскинување на договорите, бидејќи овие договори од страна на двете договорни страни биле исполнети во претежен дел.
Во случај кога се бара раскинување на договор поради неисполнети идни обврски, исполнето останува. Во случајот, банкарските гаранции се издадени за сите обврски, а не само за идните обврски, при што банкарските гаранции не биле активирани само поради неизвршената монтажа, туку поради не реализирање на договорните обврски кои ги преземал тужителот.
Во смисла на член 6 од договорите, поради едностраното раскинување на договорите, тужениот основано ги активирал банкарските гаранции како единствено средство да го обезбеди своето побарување, бидејќи неспорен е фактот дека реквизитите се чуваат во име и за сметка на тужителот во магацински простор. Во случајот нема услови за враќање на активираните банкарски гаранции, бидејќи тужителот не ги испорачал и соодветно предал реквизитите, ниту истите се монтирани и пуштени во употреба“, стои во пресудата.
Според Судот, тужителот сам се довел во ситуација гаранциите да бидат активирани, затоа што тужениот постапил по договорите, додека пак тужителот не постапил во се според предвиденото, а во ситуација кога тужителот не ги исполнил обврските, стои во пресудата, следувало тужениот да ги активира банкарските гаранции како обезбедување поради непочитување на договорните обврски, па не може да се смета дека до раскинување на договорите дошло поради вина на тужениот.
„Реквизитите се уште се во владение на тужителот, не се предадени во владение на тужениот, иако тужениот исплатил 80% од вкупната договорна сума, поради што согласно утврденото тужениот основано ги активирал банкарските гаранции“, утврдил Судот, според кој неосновани се наводите во ревизијата дека тужениот незаконски доцнел во исполнување на своите обврски, поради тоа што, стои во пресудата, тужениот никогаш не барал раскинување на договорите, туку тужителот ги раскинал.
Имајќи го сето тоа во предвид, Град Скопје веќе исплатил 80 проценти од договорената цена за набавка на 5 реквизити, меѓутоа добавувачот „Боминг“ еднострано ги раскинал договорите. Потоа, компанијата покренала судска постапка против Градот поради активираните банкарски гаранции, која првостепено ја добива но правосилно и во конечна инстанца ја губи, така што до моментот на пресудата на Врховниот суд донесена во март годинава, како што се наведува и во самата пресуда, реквизитите се уште биле во владеење на фирмата.
Инаку, откако лани нов скопски градоначалник стана Ѓорѓиевски, Град Скопје влезе во процес на изградба на нов луна-парк, кој, според неговите најави, треба да биде готов до крајот на следната 2027 година. За таа цел, локалната самоуправа во мај годинава склучи договор со „Мастеф“ вреден 10 милиони евра, кој, меѓу другото, предвидуваше набавка и монтажа на 16 нови реквизити, меѓутоа овој договор бил раскинат во август годинава. Во меѓувреме, на терен се уште може да се забележат остатоци од поранешните дискотеки, кои беа урнати заради реализација на проектот.
Влатко СТОЈАНОВСКИ




