Подготвен сум да одговарам за секоја своја одлука затоа што знам дека сум ја носел согласно законот и по претходно спроведени процедури и постапки, истакна ексградоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, откако полицијата денеска му поднесе кривична пријава поради сомнение дека овозможил незаконска легализација на дивоградба во селото Куклиш.
„Подолг период сум изложен на континуирани јавни објави во кои моето име се поврзува со неосновани сомневања и обвинувања, веројатно заради нечии дневни интереси и интриги. Нивното постојано повторување создава впечаток дека одговорноста е веќе утврдена, пред да бидат слушнати моите аргументи и оценети доказите кои ги имам во огромен број. По препорака од мојот правен тим, досега бев воздржан од почит кон постапките и институциите. Таа воздржаност е свесен избор, а не отсуство на аргументи“, напиша Костадинов на Фејсбук.
Тој од медиумите побара точно и одговорно известување, а од сите учесници во јавниот живот почитување на неговото достоинство и пресумпцијата на невиност бидејќи, како што вели, однапред изречената пресуда ја поткопува правдата и ја нарушува довербата во институциите.
„Не барам доверба на збор, туку простор фактите да бидат слушнати и доказите непристрасно оценети. Својата одбрана ќе ја водам таму каде што се утврдува вистината и се одлучува за одговорноста. Верувам во владеење на правото и најостро се противам на начините за избегнување на правда на кои сме сведоци, како 50 тони фатени нелегална марихуана и многу други за кои слушаме постојано“, додава Костадинов.