Крушево се сеќава на Тоше – пречекани се 14 маратонци кои трчаа од Нова Градишка

by irena 16:50
16:50

Со црвени рози, со песните на Тоше и со спомени денеска во Крушево, по 19-ти пат беа пречекани 14-те маратонци кои трчаа од Нова Градишка, Хрватска, до Крушево, на Гумење, до вечното почивалиште на Тоше, во негова чест и за незаборав.

Маратонците ги прегрнаа спомените за Тоше, но и винил албумот на Тоше Проески „Игри Без граници“.

-Тргнавме, пред два дена, од Нова Градишка, од спомен-обележјето поставено за Тоше каде што тој загина во сообраќајната несреќа на 16 октомври 2007 година. Тргнавме од местото на тагата, од местото од каде хеликоптерот на АРМ пред 19 години го пренесе телото на Тоше Проески. По 19-ти пат го истрчавме патот до Гумење во Крушево, до вечното почивалиште на Тоше. Имавме делови напорни за трчање, ама бевме подготвени, но со пожртвуваноста истрчавме до целта. Сето тоа е за Тоше. Живи здрави го истрчавме 19. ултра маратон и на Гумење дојдовме да се поклониме пред вечното почивалиште на нашиот ангел-чувар, Тоше Проески. Нашата мисија е не кој колку ќе истрча, туку да стигнеме и да му помогнеме секому кому му треба помош, како што правеше Тоше – изјави маратонецот Наум Капричевски.

Маратонците се поклонија на вечното почивалиште на Тоше, ја запалија и рачно изработената свеќа на отец Кирко Велински од црквата „Света Злата Мегленска“ од Загреб.

Маратонците добија и винил плоча на албумот насловен „Без граници“ на Тоше Проески.

На гробот на Тоше беа и неговите поддржувачи и обожаватели од сите генерации. Хрватката Стела Прислан Фујс 19 години е во Крушево за сите спомени за Тоше.

-19 години како да беа вчера. Тоа ќе биде засекогаш. Верувам дека Тоше е игра без граници, човек без граници, љубов без граници, енергија без граници и тоа нема крај – рече Стела Прислан Фујс.

Ученичката од Крушево Јана Цветкоска, родена по Тоше, вели дека Тоше е во незаборав.

– Ние правиме паноа за Тоше, ги пишуваме и ги слушаме неговите стихови. Тоше вечно е во сеќавањата – рече Јана.

Слични вести