ДНК-траги од 3 лица се пронајдени на дрогата фрлена при полициската потера по двете момчиња од Сарај

Вештачењето на дрогата пронајдена фрлена на пат при потерата по возило во кое имало 2 лица, кои подоцна обвинуваа дека без причина биле претепани од полицајците, утврдило присуство на ДНК-траги на 3 лица, при што кај третото лице што не било во возилото е извршен претрес и кај него дома е пронајдена дрога, неофицијално дознава „Фокус“ од полициски извори.

by vlatko 12:36
12:36

Полициската потера по возило поради сомневања дека во него се транспортира дрога влезе во фокусот на јавноста, откако 2 момчиња од скопски Сарај обвинија дека биле брутално претепани од полициските службеници, поради што реагираа и партиите од албанската опозиција, барајќи одговорност од полицајците, како и политичка одговорност во рамки на Министерството за внатрешни работи.

Во меѓувреме, од МВР соопштија дека шестмина полицајци ќе бидат суспендирани, бидејќи Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди утврдил дека тие ги пречекориле своите овластувања и примениле прекумерна сила, нанесувајќи им телесни повреди на двете лица.

„Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници, за што против 6 полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени мерки за отстранување од работно место-суспензија“, стои во соопштението.

Меѓутоа, како што неофицијално дознава „Фокус“, тука не завршуваат активностите за разрешување на сите аспекти на случајот. Имено, според нашите информации од добро упатени полициски извори, при потерата по возилото во кое биле двете повредени лица била пронајдена дрога фрлена покрај пат, која потоа била дадена на вештачење во чии рамки биле пронајдени ДНК-траги на 3 лица.

–На дрогата се пронајдени ДНК-траги на 2-те лица, како и на уште трето лице кое не било во возилото, по што кај него е извршен претрес и во неговиот дом е пронајдена дрога – велат нашите соговорници од МВР, посочувајќи дека третото лице веќе соработува со органите на правдата и наскоро се очекува разрешница на цел случај.

Инаку, според нив, етничката компонента и димензија во случајот е целосно неоснована, бидејќи полицискиот тим бил составен од припадници од мешан етнички состав, односно во неа имало Македонци, Албанци, како и еден Бошњак.

За потсетување, во однос на случајот реагираше и Независниот синдикат на полицијата, од каде истакнаа дека осомничените момчиња се обиделе да ги прегазат полициските службеници, а потоа му го одзеле службеното оружје на еден од нив.

Во меѓувреме, пак, две момчиња тврдеа дека биле физички нападнати и малтретирани од полицајци без причина. Во видео објавено од дел од медиумите, тие раскажуваа дека полициските службеници ги бркале поради сомнение дека украле пиштол, а не поради дрога.

Влатко Стојановски

Слични вести