И кумановското ѓубре ќе се депонира во Дрисла

by valentina 08:40
08:40

Сметот од Куманово од вечерва привремено ќе се транспортира и депонира на депонијата Дрисла во Скопје, информираа од ЈП „Чистота и зеленило“, и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Димитриевски се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски како и на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и менаџерскиот тим на Дрисла за поддршката во надминувањето на проблемот со транспортот и депонирањето на отпадот.

-Продолжуваме интензивно со санација на депонијата Краста и надминување на проблемот. Во мое лично име и во име на менаџерскиот тим на ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, се извинувам на моите сограѓани кои поради блокадата на нашата депонија се соочуваат со сериозен проблем, кој ќе биде надминат во најбрз можен рок, наведува Димитриевски во објавата на неговиот фејсбук профил.

Инаку, Општинскиот штаб за заштита и спасување на Куманово, на вчерашниот состанок побара координирано постапување на надлежните институции за деблокада на пристапот до депонијата „Краста“. Штабот бара отпадот од Куманово да продолжи да се одлага на депонијата Краста. Жителите на Пчиња и околните села најавуваат дека ќе продолжат со блокадата сè додека не се изгасне пожарот на депонијата и целосно не се реши повеќемесечниот проблем.

На состанокот во Општина Куманово, на кој присуствуваа претставници на јавните претпријатија, полицијата, инспекциските и здравствените институции, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Основното јавно обвинителство, беа утврдени мерки за справување со состојбата на „Краста“, засилен надзор и спречување на последиците од нередовното собирање и депонирање на отпадот.

Слични вести