Обвинителот Јован Цветановски, кандидат за шеф на ОЈО ГОКК: Стојам пред своите колеги со своето искуство и интегритет

by valentina 09:25
09:25

Кон крајот на месецот, поточно на 28 октомври, ќе биде познат наследникот на Ислам Абази, досегашниот шеф на најмоќното обвинителство во државата, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Сите петмина кандидати за „Фокус“ споделуваат зошто сметаат дека се вистинскиот избор за прв човек на ова обвинителство, односно зошто колегите да гласаат за нив. Исто така, одговорат и на прашањето што му е потребно на ова обвинителство за да може бескомпромисно да се спротивстави на сериозниот криминал, како и тоа кои ќе бидат нивните заложби доколку бидат избрани?

Во оваа трка се обвинителите Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. „Фокус“, деновиве, ги објавува нивните изјави по редоследот кој е утврден со кандидатската листа која ја објави Советот на јавните обвинители.

Скопскиот виш јавен обвинител Јован Цветановски е со долгогодишно работно искуство над 20 години, а во последните 8 години е дел од Вишото скопско обвинителство.

Обвинителот вели дека неговото долгогодишно искуство го прави да биде вистинскиот избор, ветувајќи ефикасна борба против високата корупција.

–Мојот основен мотив доаѓа од самото обвинителство, бидејќи ми се познати проблемите на човечките капацитети на Обвинителството, кој произлегува од моето искуство во обвинителството, искачувајќи ги скалилата на сите работните позиции од 1999 година до денес. Уверен сум дека колегите во мене ја препознале мојата професионалност, колегијалност и предвидливост во работењето. Со мојата кандидатура, без никакви калкулации, стојам пред сите мои колеги со своето искуство и интегритет. Мојата цел е во ОЈО за ГОКК не е да менаџирам со проблемите, туку да ги решавам и сметам дека време е за постапки од висока корупција во кои ќе имаме ефикасни, правосилни пресуди и конфискации на имот, а не застарени и долги постапки без епилиог, ни изјави Цветановски.

Обвинителот додава дека има идеји за подобрување на работата на ова обвинителство, што го образложува и во својата програма.

–Во мојот план и програма за работа на ОЈО ГОКК предвидени се одредени интервенции, кои ќе бидат темел за ефикасно сузбивање на високата корупција и организираниот криминал. Сега би одвоил дел, а тоа е итната дигитализација за побрзо поврзување со другите институции, како и итно екипирање на истражниот центар со вработување на ИТ форезничари, даночнии инспектори и форезнички сметководители, но и внатерешни процедури како мерила за вреднување на трудот на обвинителите, со цел да се тргне секаков сомнеж за внатрешна селективност, вели вишиот обвинител Цветановски.

Со една негова неодамнешна одлука, тој се „спротивстави“ на сегашниот шеф на организиран, Абази, бидејќи ја укина наредбата за запирање на истрагата за „Мазутот во ТЕЦ Неготино“, случај тежок 67 милиони евра, и наложи повторена истрага. Тој беше виш јавен обвинител и за случајот „Талир 2“, односно за партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, кој заврши со ослободителна правосилна пресуда.

Валентина ВУРМО

 

Слични вести