„Државна лотарија“ ги нема, ниту има право да ги има договорите склучени меѓу компанијата „Стардаст“ и изведувачите (артистите) што беа дел од програмата „Силно светнал ден“ по повод 35-годишнината од независноста на Македонија. Се работи за меѓусебни облигациски односи врз основа на комерцијални, интерни договори, што имаат одреден степен на доверливост, но поминати се низ системот на државата, односно Управата за јавни приходи.
Ова го истакна денеска генералниот директор на „Државна лотарија“, Александар Климовски, според кој воопшто не е спорно да се направи независна ревизија за тоа каде и како се потрошени 340-те милиони денари за прославата на јубилејот.
– Државниот завод за ревизија може да нè стави во план за ревизија. Беше минатата година, може да нè стави и за оваа година повторно, да направи ревизија. Но, уште еднаш, повторно ќе ви кажам: ние како „Државна лотарија“ ги немаме поединечните договори, ниту имаме право да ги имаме. Тоа се договори склучени меѓу оној што го добил спонзорството, „Стардаст“, со сите други: артисти, изведувачи, компании…, кои го организираа овој настан. Всушност, тоа се нивни меѓусебни облигациски односи врз база на комерцијални договори, што имаат одреден степен на доверливост меѓу „Стардаст“ и Дејвид Гета или кој било друг уметник, изведувач, пејач… Тоа се нивни интерни договори, кои тотално како сума се влезени во извештајот и поминати се низ системот на државата, низ системот на Управата за јавни приходи – напомена Климовски одговорајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со владината портпаролка Марија Митева.
Климовски потенцира дека треба да се прави разлика меѓу досегашните настапи на светските ѕвезди и последното гостување на Гета зашто, како што објасни, станува збор за т.н. монолит-шоу, грандиозен стадионски аудиовизуелен спектакл.
– Има голема разлика меѓу физички настап на диџеј и носење цел тим со 50 члена за монолит-шоу на цел стадион. Голема е разлика меѓу таков и ваков настап – рече директорот.
Според него, за организирање на одбележувањето имало само една понуда, која била разгледана веднаш, истиот ден кога била добиена, од страна на надлежен тим и стручна комисија, а исплата кон „Стардаст“ е направена по склучување на договорот.
– Владата нам ни е акционер. Владата носи одредени одлуки. Дали сме исплатиле средства пред да склучиме договор? Не. Првин склучуваме договор, па ги исплаќаме средствата. Инаку, би го прекршиле целиот легалитет на постапката. Се гледа од самиот договор за спонзорирање, склучен помеѓу „Државна лотарија“ и „Стардаст“, кога е архивиран, а може да проверите преку банкарската трансакција кога се исплатени средствата. Првин оди секогаш склучување договор, архивирање и потоа се врши трансакцијата. Инаку, исплата кон „Стардаст“ е направена по склучување на договорот. Датумот го немам пред мене, ќе ви го кажам, ќе ја замолам прес-службата да ви го даде. Но, исплатата е направена по склучувањето на договорот. Ако со договорот сме се обврзале да платиме толку пари, сме ги платиле наеднаш – објасни Климовски.
Во врска со нераспределената дивиденда и одлуката како ќе се искористи, повтори дека се водат судски процеси за одредени проневерени пари внатре во „Државна лотарија“. Во однос, пак, на тоа како се случи да ги нема 80-те милиони денари од сметката на „Државна лотарија“, информира дека се работи за случај што е утврден од Државниот завод за ревизија во 2024 година.
– Сега следува истрага и за 2023 година. Да видиме колку пари недостигаат и за 2023 година. Може и за 2022 да видиме колку недостигаат. Веднаш по моето стапување на позицијата генерален директор, се обратив до Државниот завод за ревизија бидејќи материјалот на проверки за работата на „Државна лотарија“ беше огромен. Кога добив укажување, уште пред извештајот, дека има одредено течење кеш, веднаш беше алармирана Финансиската полиција и епилогот е овој што денеска го читате во медиумите – истакна Климовски.