Премиерот Христијан Мицкоски не дојде во Граѓанскиот суд да се соочи со поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска, иако добил уредна покана. Ристоска поднесе тужба за навреда и клевета против ВМРО-ДПМНЕ за низата соопштенија што ги објавуваше партијата откако им го замрзна имотот.
-Имаше повеќе месеци во кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ можеше да го усогласи својот распоред. Сметам дека неговото недоаѓање, пред сè, претставува непочитување на судот. Од моето искуство како јавна обвинителка, можам да кажам дека тоа не ме изненадува, бидејќи сум имала ситуации во кои и други високо профилирани личности избегнувале да дојдат и се криеле во моментите кога требало да преземат одговорност за своето однесување – рече Ристоска по рочиштето.
Иако Мицкоски не дојде, Ристоска беше сослушана во својство на странка. Пред Судот таа детално објасни зошто точно се почувствувала навредена и наклеветена од соопштенијата на владејачката партија. Првото соопштение на партијата во кое таа била лично спомената било објавено на 14 октомври минатата година во моментот кога како обвинител ги водеше предметите „Талир“, во кои беше обвинета партијата, односно во едниот предмет беше обвинета, а во другиот предмет беше заинтересирано правно лице, но нејзиниот имот беше замрзнат.
-Во двата предмета постапките беа во завршна фаза. Сите докази на Јавното обвинителство беа изведени, а во едниот предмет се наближуваше и крајот на судската постапка. Во истиот период, за првпат по подолго време, ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за одмрзнување на имотот. Како јавна обвинителка се произнесов по барањето и предложив судот да го одбие. Токму на денот кога беше објавено соопштението, судот ја донесе одлуката и го прифати предлогот на Обвинителството. Затоа сметам дека соопштението беше објавено во специфичен момент – го објасни Ристоска клучниот момент кога почнале навредливите соопштенија, по што следувале уште петнаесетина други во кои била таргетирана.