Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) едногласно ја оцени како неоснована жалбата поднесена од адвокатот Николчо Атанасовски од Делчево против неделникот „Фокус“, во врска со објавениот текст за можни неправилности при вработување стручен соработник во Основниот суд во Делчево.
Одлуката е донесена на седницата одржана на 1 октомври 2026 година, а во неа се наведува дека во текстот со наслов „Како во Основниот суд во Делчево се мести вработување на стручен соработник“, објавен на 26 август, не е утврдено прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.
Адвокатот Атанасовски поднел жалба на 8 септември, тврдејќи дека при објавувањето на текстот не било испочитувано правилото за барање одговор од засегнатата страна, дека постоел судир на интереси кај авторката, како и дека му било повредено правото на одговор или демант.
Во жалбата навел дека сопругот на новинарката имал активен предмет во Основниот суд во Делчево, поради што сметал дека постои конфликт на интереси. Тој посочил и дека, иако неговото име не било споменато во текстот, од описот на кандидатката за стручен соработник, која била вработена во неговата адвокатска канцеларија, можело да се препознае за кого станува збор.
Атанасовски тврдел и дека авторката ги избришала неговите коментари под објавата на Фејсбук и го блокирала, со што, според него, му било оневозможено да одговори на објавените информации.
Од „Фокус“, се отфрлаат наводите во жалбата, адвокатот и неговата канцеларија воопшто не биле споменати во текстот, а прашања беа испратени до Основниот суд во Делчево, како институција на која се однесуваат објавените информации.
Во одговорот потпишан од Ирена Мулачка, авторка на текстот и главна и одговорна уредничка на порталот на неделникот „Фокус“, е наведено дека станува збор за тема од јавен интерес, поврзана со можни неправилности во постапката за вработување во судот.
„Фокус“ посочи дека прашањата до судот останале неодговорени, а дека институцијата не реагираше ниту по објавувањето на текстот.
По разгледувањето на жалбата, одговорот на медиумот и доставените материјали, Комисијата за жалби утврди дека не постои прекршување на новинарските етички стандарди.
Во образложението се наведува дека текстот обработува прашање од исклучителен јавен интерес, бидејќи се однесува на можни злоупотреби при вработување во судска институција и на законитоста и непристрасноста во нејзиното работење.
Комисијата оцени дека тврдењето за непочитување на правилото за втора страна е неосновано, бидејќи новинарката двапати испрати прашања до Основниот суд во Делчево.
Иако членовите на Комисијата сметале дека можело да се побара изјава и од кандидатката за стручен соработник, тие оцениле дека главната институција кон која биле насочени критиките е судот и дека медиумот постапил соодветно со обраќањето до него.
Не било прифатено ниту тврдењето дека на адвокатот му било повредено правото на демант. Според Комисијата, коментар на социјалните мрежи не може да се смета за формален демант, особено во околности кога, според одговорот на медиумот, коментарот бил избришан поради навредлива содржина.
Во однос на наводниот судир на интереси, Комисијата утврдила дека нема докази оти личната поврзаност на авторката со лице кое имало судски предмет влијаела врз независноста или непристрасноста на известувањето.
Сепак, во одлуката се посочува дека медиумот можел да посвети поголемо внимание на прецизноста на термините, начинот на наведување на изворите и дополнителната проверка на информациите преку други засегнати страни.
И покрај овие забелешки, Комисијата оценила дека утврдените слабости не претставуваат доволна основа за констатирање повреда на Кодексот на новинарите.
При одлучувањето биле земени предвид и информациите од анонимните извори, обидите за нивна проверка, дописот од Адвокатската комора и јавниот интерес за темата.
Со конечната одлука, Комисијата едногласно ја отфрли жалбата на адвокатот Николчо Атанасовски како неоснована, потврдувајќи дека во спорниот текст на „Фокус“ не се прекршени етичките стандарди на новинарската професија.
Одлуката се однесува на етичноста на новинарското известување, а не претставува утврдување дали навистина имало незаконитости во постапката за вработување во Основниот суд во Делчево.