Премиерот Христијан Мицкоски, во своето денешно обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, рече дека процесот на евроинтеграција трае надвор од секој разумен временски рок и ја повика Европската Унија да обезбеди предвидливост и почитување на правилата.
– Нашата историја нѐ научи дека меѓународните компромиси се многу тешки и дека мирот, стабилноста и интеграцијата бараат политичка храброст и големи жртви. И без намера да звучам поучувачки, ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право — нешто што многумина го земаат здраво за готово — доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја.
Историја обележана со предизвици, со безбедносни ризици од регионални размери, со постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата, често по цена на нашето најосновно чувство за достоинство и правда. Донесовме навистина тешки одлуки.
Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува. Но токму затоа, гледајќи на тие одлуки со временска дистанца и со јасна свест за реалноста, денес можам одговорно да кажам дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска – истакна Мицкоски.
Тој упати повик до Европската Унија, кога веќе бара од помалите земји-кандидатки да ги почитуваат нејзините правила, и таа самата да ги почитува правилата кои што ги поставила.
– Ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост. Ако од кандидатите за членство во една организација се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок.
Ако бараме од граѓаните да им веруваат на институциите, тогаш институциите мора да покажат дека нивниот збор има вредност и дека преземените обврски траат. Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите.
И преземената обврска не може да биде привремена политичка погодност. Таа мора да биде основа врз која луѓето ќе можат да ја планираат својата иднина – порача Мицкоски од говорницата на Обединетите нации.
Тој исто така додаде дека граѓаните мора да видат дека правилата се спроведуваат доследно и дека направените компромиси нема само да носат до нови барања за отстапки.
– Од нашите граѓани бараме да веруваат во соработката, во добрососедските односи, во компромисот и во заемната почит. Им велиме дека трајниот мир вреди повеќе од краткорочна политичка победа, дека почитувањето на договорите е знак на сила и мудрост, дека тоа е правилната постапка, а не знак на слабост, дека европската и евроатлантската интеграција значат прифаќање правила што важат еднакво за сите.
Но, тој аргумент станува многу потежок за одбрана кога граѓаните гледаат дека во меѓународните односи принципот понекогаш ѝ отстапува место на моќта, дека критериумите можат да се сменат додека процесот веќе трае; или дека од едни се очекува доследност што другите не ја бараат секогаш од себеси.
Не можеме да им велиме на луѓето „Верувајте им на правилата“, кога гледаат дека правилата не важат еднакво. Не можеме да ги убедиме дека компромисот е доблест ако секој компромис носи ново барање. И не можеме да очекуваме доверба во меѓународните институции ако граѓаните почнат да веруваат дека нивната судбина почесто ја одредува политичката тежина на нивната држава отколку силата на заеднички прифатениот принцип – заклучи премиерот.
Според него, кредибилитетот на Унијата зависи од нејзината способност да се држи до правилата на сопствените процеси.
– Европската Унија за нас останува нашиот природен политички, економски и институционален дом. А имаме работа и дома. Мора да го зајакнеме владеењето на правото. Да изградиме поефикасни институции. Да изградиме поконкурентна економија. И да ја зајакнеме довербата на граѓаните во сопствената држава. Тоа е наша одговорност и нема да ја префрлиме на Брисел.
Истовремено, очекуваме европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми, а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта. Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди – рече тој.
Околу стратешките определби на земјата, Мицкоски рече:
„Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија. Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност“.