Цените на дизелот пораснаа на 104,5 денари, Мицкоски не ги прифати мерките, народот плаќа, велат од СДСМ

by irena 17:50
17:50

Дизелот поскапе на 104,5 денари за литар, што претставува нов удар врз семејните буџети, земјоделците, превозниците и целокупната економија, реагираат од СДСМ.

Од опозициската партија велат дека навреме предложиле конкретни мерки со кои, според нив, можело да се влијае врз цените на горивата и да се намали финансискиот товар врз граѓаните.

„Укинување на акцизата, намалување на ДДВ на 5 отсто и минимална плата од 600 евра. Мицкоски ги одби овие предлози, а последиците од ваквите политики ги плаќаат граѓаните“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата посочуваат дека секое ново зголемување на цената на дизелот директно се одразува врз трошоците на домаќинствата, но и врз повеќе економски сектори. Според нив, поскапото гориво значи повисоки трошоци за транспорт и земјоделско производство, што дополнително може да се одрази и врз цените на храната и другите основни производи.

Во реакцијата, СДСМ ја обвинува Владата дека троши средства за активности кои, според партијата, не се приоритетни за граѓаните.

„Има 5,5 милиони евра за диџеј за една вечер, а нема пари за мерки за заштита на граѓаните. Има 200 милиони евра за криминални тендери, а нема пари за земјоделците. Има пари за 50-члена делегација на Мицкоски и авион, а нема за минимална плата“, се наведува во соопштението.

Од СДСМ дополнително посочуваат дека растот на трошоците за живот сè повеќе го оптоварува стандардот на граѓаните. Тие наведуваат дека потрошувачката кошничка достигнала околу 90.000 денари, додека голем дел од платите, според нив, не се доволни за покривање на основните месечни потреби.

Партијата ја обвинува Владата дека не презема доволно мерки за ублажување на последиците од растот на цените и оценува дека со секое поскапување на горивата се зголемуваат и приходите во буџетот по основ на даноци.

Од СДСМ тврдат дека товарот од повисоките цени се префрла врз граѓаните и бараат преземање мерки за намалување на цените на горивата и заштита на животниот стандард.

Слични вести