Иако на 3 октомври газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов -Деко, излегува од притвор и тоа по сила на закон, сепак тој поднел гаранција од 200.000 евра и тоа за истата цел, да излезе од притвор.
Ваквиот потег на Јованов очигледно е за да ја убеди јавноста дека нема да избега, бидејќи во тоа не мора да го убедува судот, затоа што нема законска можност обвинетиот и понатаму да биде држан во притвор, бидејќи на 3 октомври финишира една година од поднесувањето на обвинителниот акт, а со тоа се исцрпува и можноста за мерката притвор. Ваквиот потег адвокатката на Деко, Ивана Коцевска, го најави на едно од судските рочишта, со објаснување дека тоа е гаранција дека Јованов не планира да бега.
Предлогот за гаранција веќе е во Кривичниот суд, и сега се чека мислење од Обвинителството. Доколку одлуката се донесе пред 3 октомври тогаш има можност и да се прифати гаранцијата, но по овој датум, таа би била безпредметна.
Јованов, како сопственик на дискотенката „Пулс“ е првообвинет за кочанската трагедија во која загинаа 63 млади, а над 200 беа повредени.
В.В.