Во тек е голема полициска акција на подрачјето на Скопје – Чаир, Тетово и Гевгелија, насочена кон разбивање на криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и суплементи, како и коруптивни кривични дела.

Полицијата тресе на повеќе од 10-тина локации.
Во Скопје и Тетово при претрес во правниот субјект пронајден е магацин со различни медицински лекови и машина за екстракција на масло.
Полицијата преку Одделот за сузбивање на организиран криминал при БЈБ – МВР постапува по сомненија за криумчарење, повреда на права од индустриска сопственост, давање и примање поткуп и перење пари.
„Под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО за ГОКК, Министерството за внатрешни работи – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал рано утрово започна полициска акција насочена кон сузбивање криминална група осомничена за криумчарење стоки и кривични дела од коруптивна природа.
Во тек се претреси и други истражни дејствија на повеќе локации. По нивното завршување, обвинителството подетално ќе ја информира јавноста“ информираа од ОЈО.