Најмалку три лица загинаа денеска во пакистански воздушни напади во североисточен Авганистан, соопштија авганистански претставници.
Во нападот била погодена најмалку една куќа во провинцијата Кунар, при што загинале тројца членови на исто семејство, а четворица биле повредени, објави на мрежата „Икс“ еден од портпаролите на Талибанците, Хамдула Фитрат.
„Бомбардирани беа две локации во областа Бармал во провинцијата Пактика. Уништени беа една продавница и една ненаселена куќа, но немаше жртви“, додаде портпаролот.
Како што пренесува британската агенција Ројтерс, новите напади се закануваат повторно да ги разгорат тензиите меѓу Пакистан и Авганистан, по тримесечен релативен мир.
Односите меѓу поранешните сојузници се затегнати уште од февруари, кога двете страни се соочија со најтешките судири во последните неколку години.