Пресли Гербер, синот на познатата супермодел Синди Крафорд и бизнисменот Ренд Гербер, почина на 27-годишна возраст, потврди неговото семејство.
Според Канцеларијата на судскиот лекар во округот Лос Анџелес, Гербер починал во неделата, на 20 септември, во центар за рехабилитација. Причината за смртта сè уште не е утврдена и се очекува да се изврши обдукција.
Претставник на семејството ја потврди веста за неговата смрт и побара од јавноста да ја почитува приватноста на Синди Крафорд, Ренд Гербер и нивната ќерка Каја во овој, како што беше наведено, „многу тежок и болен период“.
Пресли Гербер тргна по стапките на својата мајка и почна да се занимава со манекенство уште како тинејџер.
Тој соработуваше со некои од најпознатите светски модни куќи, вклучувајќи ги „Калвин Клајн“ (Calvin Klein), „Долче и Габана“ (Dolce & Gabbana) и „Москино“ (Moschino), а настапуваше и на големи модни ревии. Неговата помлада сестра, Каја Гербер, исто така изгради успешна кариера како модел и актерка.
Во последните години, Гербер отворено зборуваше за проблемите со кои се соочуваше, вклучувајќи депресија, напади на паника и зависност. Тој исто така зборуваше за своето лекување и борбата за закрепнување преку социјалните мрежи и подкастите, обидувајќи се да поттикне поотворен разговор за менталното здравје.
Зборувајќи за своите искуства во 2023 година, Гербер изјави дека сака да им помогне на луѓето кои минуваат низ слични проблеми.
„Тоа е она што навистина сакам да го правам – да им помагам на луѓето, без разлика дали се депресивни или се борат со нешто што негативно влијае на нивниот живот. Тоа може да биде што било и не треба да има осудување“, рече тогаш Гербер.
Еден од неговите последни јавни осврти на темата лекување беше објавен во март оваа година, кога зборуваше за новиот обид да ја надмине зависноста и изрази надеж дека тоа ќе биде последен пат кога оди на рехабилитација.