Ѓорѓиевски: Ќе градиме две нови училишта во Ѓорче Петров и Драчевo

by irena 21:09
21:09

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на град Скопје во вечерашното гостување на Телма телевизија, изјави: „Ние веќе како град сме финансиски консолидирани, за 18% ни е зголемена наплатата оваа година. Мислам дека сме стабилни и ќе можеме на сите предизвици да одговориме во наредните три години, онака како што планираме.“

Ѓорѓиевски обзнани дека ребаланс на буџет, за разлика од минатото, сега се прави во случаи на заштеда од одредени постапки и проекти, со цел заштедените средства да се реалоцираат за нови проекти кои, како што вели Ѓорѓиевски, кореспондираат, со неговите предизборни ветувања.

Ѓорѓиевски најави дека со краткиот ребаланс на буџетот се предвидува изградба на две нови училишта кои ќе се градат паралелно, од кои едното во Драчево, а другото во Ѓорче Петров.

„Ребалансот на буџетот го правиме секогаш кога ќе ни останат средства. Ќе се случи да имаме заштеда од одредени постапки, проекти и така натаму, и тие средства ги предвидуваме за нови проекти коишто кореспондираат со сето она што јас сум го ветил во предизборието пред граѓаните“, рече Ѓорѓиевски и додаде:

„Еве ексклузивно, две нови училишта коишто паралелно ќе почнеме да ги градиме. Тоа е ново училиште на местото на ветеринарното училиште и гимназијата во Драчево и училиштето во Ѓорче Петров, каде што, за жал, во 21 век средношколците наши таму учат во бараки“.

Ѓорѓиевски се осврна и на состојбите со капиталните инвестиции и рече:

„Заклучно со трет квартал, 1,1 милијарда денари е реализацијата, што е за 50% повеќе од првата година на Петре Шилегов и 40% повеќе од времето на Данела Арсовска. Мислам дека тоа е, ако земеме предвид дека 5,2 милијарди, до крајот на годината би имале околу 2 милијарди, повеќе од една третина се за капитални инвестиции, што не било случај години наназад и можеме сите да посведочиме за тоа.“

Слични вести