„Вашиот „машки надзор“ во нечие секојдневие значи проверување телефон, забрана да се види со пријателките и страв да каже што мисли. За тие жени ова е животот од кој се обидуваат да излезат. Во Македонија, каде организациите за заштита на жените предупредуваат на пораст на семејното и родово базираното насилство, Вие јавно ја прогласувате контролата за машка обврска“ напиша на Фејсбук пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска во врска со вчерашното тв гостување на универзитетскиот професор Петар Богојески.
Таа вели дека „Како жена, нема да премолчам некој да ни одредува колку слобода ни следува. Ниту љубомората, ниту неверството, ниту повредената суета оправдуваат закана, понижување или удар“.
„Должите јавно извинување и повлекување на кажаното. Овде, во Македонија, жени се убиени од сопрузи и партнери. Други се плашат да се вратат дома. Во таква реалност, Вашите зборови можат да му послужат на некој насилник како оправдување дека само си ја вршел „обврската“. Затоа ова нема да помине како уште една телевизиска провокација. Жените не мора да бидат послушни за да останат живи“ порача Петровска.