До 2028 година, Велика Британија би можела да се соочи со сајбер-напади врз клучната инфраструктура, изведени со помош на вештачка интелигенција (ВИ).
Криминалците, како и држави како Кина и Русија, сè повеќе користат вештачка интелигенција за извршување хакерски напади, предупреди денеска Ричард Хорн, раководител на британскиот Национален центар за сајбер-безбедност (NCSC), пренесува Euronews.
Вештачката интелигенција би можела да се користи и за развој на малициозен софтвер, преку кој хакерите ги заклучуваат компјутерските системи и бараат откуп за нивно повторно активирање. Хорн предупреди дека ВИ ќе овозможи откривање и искористување на безбедносни пропусти – кои предолго биле толерирани – во размери што претходно биле незамисливи.
Како пример, тој ги наведе неодамнешните хакерски напади врз системите за ладење во супермаркетите. Хакерите успеале да ги променат поставките за температура во фрижидерите, поради што храната почнала да се одмрзнува. Вакви напади се пријавени во неколку европски земји, вклучувајќи ги Франција, Белгија и Велика Британија.
Хорн изјави за агенцијата AP дека експертите од NCSC работеле цела ноќ за да стапат во контакт со организациите што ја користат ранливата технологија. Тој објасни дека системите за ладење во француските супермаркети биле особено ранливи бидејќи користеле застарена технологија за која веќе не се издаваат безбедносни ажурирања. Системите биле директно поврзани со интернетот и користеле фабрички лозинки.
Тој нагласи дека во тие напади не била користена вештачка интелигенција, туку хакерите ги искористиле безбедносните пропусти што постоеле со години. Според Хорн, овој случај покажува колку е важно компаниите да ги заштитат системите што управуваат со опремата и физичките процеси.
По повод објавувањето на годишниот извештај на NCSC, Хорн предупреди дека раководителите на компаниите и организациите, кои со години штеделе на технологија и сајбер-безбедност, ќе мора да одговараат за последиците од евентуалните напади. Тој изјави дека оние што се потпирале на евтина технологија ќе мора да објаснат зошто нема храна на полиците, зошто нема струја и зошто компаниите пропаднале – доколку не инвестирале во безбедност и не ги замениле застарените системи.
Тој предупреди дека технологијата денес управува со бројни процеси од кои зависи секојдневниот живот. Меѓу нив се управувањето со снабдувањето со електрична енергија, водоснабдителните системи, работата на браните, производните линии, како и системите за греење и ладење. Нападите врз ваквите системи би можеле да имаат сериозни последици за граѓаните и за економијата.