Државата „мечтае“ да потроши 3,3 милијарди евра за државни проекти што се само на хартија?!

by irena 10:10
10:10

Министерството за финансии ја објави Првата конечна приоритетна листа на предложени проекти за јавни капитални инвестиции. На неа има 41 проект вреден милијарди евра, од кои дел со години се најавуваат, дел се уште во фаза на подготовка, а кај други веќе има сериозни проблеми со рокови, финансирање и реализација.

 

 

Пишувал: Орце КОСТОВ

Министерството за финансии ја објави Првата конечна приоритетна листа на предложени проекти за јавни капитални инвестиции. Листата содржи четириесет и еден предлог-проект за инвестиции, која по предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции ја усвои владата.

Државните институции, агенции и министерства доставија проектни идеи, кои потоа ги проверуваше Министерството за финансии, а беа одобрени од новоформираниот Комитет за јавни инвестиции, во кој седат речиси сите министри од владата и премиерот.

Сите предлог-инвестиции се со вредност од над 5 милиони евра, а на листата се содржани проекти од областа на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетиката, дигитализацијата, како и проекти од областа на земјоделството и водостопанството.

Оваа листа е слична со годишниот план за енергетски инвестиции, кој го планира Министерството за енергетика. Но, таму инвестициите се приватни, а тука инвеститор ќе биде државата, односно граѓаните преку централиот буџет.

Според Министерството, Првата конечна приоритетна листа, која е усвоена, ќе биде клучна основа за дефинирање на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, кој треба да почне во септември, како и во инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, што значи дека институциите при своето идно инвестициско планирање треба да се  усогласат со оваа листа.

На листата има сè – од нови електрични локомотиви, железнички пруги, болници и факултети, до огромни енергетски проекти, гасоводи, хидроцентрали и системи за складирање електрична енергија.

Но, зад милијардите на хартија се крие едно многу поважно прашање: колку од овие проекти се навистина подготвени за реализација, а колку се само политички и инвестициски планови?

Дел од нив се најавуваат со години. Други допрва треба да добијат проектна документација, финансирање или изведувач. За некои веќе постојат проблеми со јавните набавки, раскинати договори, анекси, арбитражи или пробиени рокови.

Особено впечатлив е уделот на АД ЕСМ. Од 41 проект на приоритетната листа, дури 25 се поврзани со енергетиката и се предложени од ЕСМ или од енергетскиот сектор, што отвора дополнително прашање: дали државната енергетска компанија има финансиски и организациски капацитет да реализира толку голем инвестициски циклус?

Меѓу нив се Чебрен и Галиште, ПАХЕ Козјак, ПАХЕ Ташмаруништа, петте хидроелектрани од „Вардарска долина“, нови гасни централи, ветерни паркови, фотонапонски централи, батериски системи и реконструкции на постојната енергетска инфраструктура.

Тоа значи дека значаен дел од листата не претставува само трошок за една инвестиција, туку цел инвестициски циклус, чија вредност се мери во милијарди евра.

СЀ ЌЕ ЗАВИСИ ОД ПРИОРИТЕТИТЕ НА ВЛАДАТА

Сепак, тоа што овие проекти се вклучени на листата на предлози за јавни инвестиции, не значи и обврска за негово финансирање.

Одлуката за финансирање на предлог-проектот ќе се носи преку процес на капитално буџетирање во рамките на расположливите буџетски средства, односно преку инвестициско планирање во рамките на расположливите финансиски средства на јавните субјекти што не се буџетски корисници, во зависност од зрелоста на проектот и приоритетите на владата за соодветната фискална година.

„Фокус“ го праша Министерството за финансии дали има некои првични пресметки или, пак, пресметки доставени од иницијаторите, за тоа колку би чинеле нивните предлог-проекти со цел да се испланираат инвестициите за следната година, како и дали има некоја сума што би била горна граница за овие инвестиции. Оттаму одговорија дека до крајот на месецот ќе почне подготвувањето на буџетот и дека сè ќе зависи од приоритетите на владата за соодветната фискална година.

Објавената Прва конечна листа на јавни инвестиции е инструмент што ќе биде основа за креирање на буџетите во следните години, како на централниот Буџет, така и на буџетите на корисниците што имаат доставено иницијативи и тие иницијативи се дел од оваа Прва конечна листа. Имено оваа Листа ќе биде основа за дефинирање на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, како и во инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост. Односно, институциите, при своето планирање на буџетите, треба да се усогласат со објавената листа. 

Притоа, финансирањето на предлог-проектите ќе се одвива во следниот период, имајќи ги предвид расположливите буџетски средства, односно инвестициското планирање во рамките на расположливите финансиски средства на јавните субјекти што не се буџетски корисници, како и во зависност од зрелоста на проектот и приоритетите на владата за соодветната фискална година. До крајот на месецот почнува процесот за подготовка на буџетот за 2027, во кој ќе бидат земени предвид приоритетите на владата за следната година“, гласи одговорот од кабинетот на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.

 КОИ СЕ ПРОЕКТИТЕ?

 Првата конечна приоритетна листа на предлог-проекти за јавни инвестиции е објавена на веб-страницата на Министерството за финансии, заедно со Листа на тековни проекти за јавни инвестиции, кои се во фаза на спроведување, односно за кои е донесена одлука за финансирање.

На листата се проекти што досега биле најавени по неколку десетици пати, некои се дел од партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ, а некои се нови  и уште како идеи предизвикуваат многу контроверзии.

Приоритет број еден е набавка до најмногу 5 нови електрични локомотиви, а тоа е предлог на Министерството за транспорт. Според информациите, овие пари ќе се обезбедат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со која е потпишан договор за обновување на товарниот возен парк.

Втор на листата е предлогот на МОН за завршување на изградбата на објектите на ФИНКИ во склоп на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во февруари 2026 година е објавено дека двете недоградени згради кај кампусот се оценети како безбедни и наменети за ФИНКИ; за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ се предвидува доградба на постојниот објект.

На приоритетната листа се и реконструкција и опремување на  регионалната Клиничка болница во Тетово, како и изградба на регионалната клиничка болница во Штип, но за нив сè уште не е утврдена инвестициската рамка. Во Штип, приоритет се и нов студентски дом и нов медицински факултет.

Нова современа болница е приоритет во Кичево, но таа и болниците во Штип и во Тетово ќе бидат финансирани од кредитот од Велика Британија, се разбира ако се остварат најавите на владата од мај 2025 година, кога беше потпишан договорот за стратешко партнерство со Лондон.

Седми приоритетен проект е воспоставување владин примарен податочен центар или државен центар со дигитални податоци, кој е предлог на Министерството за дигитална трансформација. Ова министерство предложило и проект за воспоставување владина дигитална мрежа (SEGNET), но нема конкретни податоци за него.

На листата на приоритети се најдоа  предлозите на Министерството за земјоделство и шумарство, Доводен цевковод за наводнување на левиот брег на Вардар и ревитализација на Езеро Младост со води од Лисиче, за кој нема финансиска конструкција, како и „Злетовица фаза 2 наводнување“ за кој е потпишан грант од 2 милиони долари од Светска банка и се почнати теренски активности.

Истото Министерство предложи проект за Хидросистем Злетовица „Фаза 3: производство на електрична енергија.

За 2027 година, во листата на приоритети ќе биде реконструкција на централниот дел од железничкиот Коридор VIII, Скопје – Кичево, кој го предложи Министерството за транспорт и врски, проектите на МЗШВ за нов цевковод за довод на вода од ЈП Стрежево до Битола, санација на алиментациониот канал „Пелистерски води“ и санација на главен доводен канал.

Приоритет за 2027 година е реконструкција и изградба на брза железничка пруга долж Коридорот 10, за кој во тек се подготвителни активности со документација и избор на финансиска институција, која ќе го кредитира со 1,9 милијарди евра.

Државниот загубар Електростопанство на Македонија, ЕСМ предложил неколку проекти што се усвоени од Комисијата за јавни инвестиции: систем за батериско складирање, SCADA и софтвер за планирање/тргување со електрична енергија, ветерен парк Миравци, Комбинирана гасна електрана во ТЕЦ Битола и проширување на централното греење, Енергетско ефикасна административна зграда на АД ЕСМ, Подобрување и реконструкција на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Скопје, Проточна хидроелектрана Неготино, Хибридна електроцентрала Богданци за кои нема доволно податоци колку ќе чинат или колку е проценета вредноста на овие проекти.

И на оваа влада, како и на претходните неколку влади, приоритетен проект е реверзибилната централа ПАХЕ Чебрен и ХЕЦ Галиште. Во јуни 2026 година, владата ја разгледува можноста државата сама да го реализира проектот, без приватен партнер. Проценката изнесува до околу 1,5 милијарда евра со камати.

Државната ЕСМ има уште десетина проекти, кои засега повеќе личат на идеја и политички пиар отколку што се близу до реализација или барем до подготовка на проектна документација пред да се бараат изведувачи за изградба на овие објекти.

ЕСМ предлага Пловечка фотонапонска електрана Шпилје, Конверзија на ТЕЦ Неготино 210 MW на природен гас, ПАХЕ Ташмаруништа (реверзибилна пумпно-акумулациона хидроелектрана во Македонија, предвидена да го користи долното езеро на ХЕЦ Глобочица кај струшкото село Ташмаруништа. Проектот е замислен со инсталирана моќност од околу 225 до над 250 мегавати), Комбинирана гасна централа Енергетика со сезонски резервоар, 5 речни ХЕЦ од каскадниот систем „Вардарска долина“, Гасна централа Неготино 660 MW, ПАХЕ Козјак (реверзибилна хидроелектрана) и Високоефикасна когенеративна електрична централа КОГЕЛ 2.

На иницијатива на Министерството за дигитална трансформација се предлага и набавка на опрема за безбедна владина поврзаност и основна дигитална инфраструктура.

Приоритет на МЕПСО е набавка и инсталација на системи за надзор и управување, набавка и инсталација на 400/110 kV, 300 MVA трансформатор. МЕПСО предлага уште Реконструкција на 110 kV далекуводи Гостивар–Осломеј–Кичево–Сопотница–Битола 1, Набавка на енергетски трансформатор 400/110 kV, 300 MVA.

НОМАГАС, државното претпријатие за изградба на гасовод заедно со Министерството за енергетика го предложиле Интерконективен гасовод Македонија-Србија и Интерконективен гасовод Македонија-Косово.

И Рехабилитација на канализационата мрежа на град Скопје е дел од приоритетите за јавни инвестиции, но овој проект треба да биде поврзан со поширокиот систем на отпадни води во Скопје и Пречистителната станица во Скопје, која сè уште не е изградена.

Интересно, Министерството за транспорт и врски има свој предлог на приоритетната листа за 2027 година за набавка на градски возови, кои ќе сообраќаат на првата градска железничка линија Зелениково–Драчево–Кисела Вода–Скопје, која е планирана да се пушти во септември 2026 година.

КОМИТЕТ ЗА ИНВЕСТИЦИИ

 Пред  11 месеци, владата ја донесе Одлуката за формирање Комитет за јавни инвестиции, врз основа на Законот за буџети и работи согласно Уредбата за управување со јавни инвестиции.

Станува збор за постојано меѓуресорско тело на владата, кое ќе обезбеди координација меѓу институциите и интегриран пристап во донесувањето одлуки.

Со Комитетот претседава министерот за финансии, а во неговиот состав се вклучени сите ресорни министри, што овозможува одлуките да се носат врз основа на консензус.

Комитетот треба да го следи напредокот на инвестициите, ќе ја проценува нивната изводливост и ќе обезбедува препораки за најдобро користење на јавните средства.

На првиот состанок на 29 април годинава беа разгледани иницијативи со вкупна проценета вредност од 3,3 милијарди евра за следните пет години, меѓу кои значаен дел се однесуваат на инфраструктурни и енергетски проекти.

Премиерот Христијан Мицкоски, по седницата на Комитетот, истакна дека почнува нова пракса со алатка за следење на реализацијата на големи јавни инвестиции.

Вкупната вредност, во моментов, е 3,3 милијарди евра за следните пет години. Ова е сериозна бројка, повеќето се проекти поврзани со градежништвото, над 600 милиони евра годишно. Ќе треба да се организираме и мобилизираме да можеме да ги реализираме овие проекти. Како влада ќе сториме сè за да обезбедиме финансирање, а делот на реалзиација што треба да го зголеми БДП не зависи само од владата, туку и од проектниот менаџмент на изведувачите, рече Мицкоски.

Премиерот во обраќање на седницата на Комитетот појасни дека листата на проектни идеи, која се разгледува, е резултат на координиран пристап на повеќе институции и претставува силна основа за развој во клучните сектори.

Во транспортот зборуваме за модерни железници, нови електрични локомотиви, реконструкција на делници и поврзување преку коридорите 8 и 10. Тоа значи побрз проток на стоки, подобра поврзаност и посилна економија. Во образованието продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата на знаењето, со завршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, универзитетот Мајка Тереза. Затоа што иднината не се гради без силен образовен систем. Во здравството инвестициите во регионалните клинички болници во Тетово, Штип, Кичево значат подобра здравствена заштита, современи услови и достоинствен третман за секој граѓанин, наведе Мицкоски.

Премиерот најави проект за воспоставување владин податочен центар, сигурна мрежа и зајакната кибербезбедност.

Тоа е основа за ефикасна, транспарентна и дигитална администрација. Во земјоделството и водостопанството, инвестициите во системите, како Злетовица, Стрежево и ревитализацијата на водните ресурси, се инвестиции во стабилноста на производството и сигурноста на храната. Во енергетиката, преку проектите на АД ЕСМ, ја зајакнуваме енергетската независност со нови капацитети, обновливи извори на енергија, батериски системи и модернизација на постојната инфраструктура. Ова е борба за сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството, вети Мицкоски.

Текстот е објавен на 20  август 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.611

Слични вести