Заменик-претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Бесник Џемаили, денеска изјави дека ДКСК отворила предмет за судир на интереси поврзан со лице, кое, како што рече, се споменува во јавноста дека бил член на комисијата за одлучување, а воедно учествувал во програмата за одбележување на Денот на независноста.
Џемаили потврди дека ДКСК нема отворено предмет за анализа на трошење на финансиските средства од конкретната прослава.
– ДКСК од аспект на своите законски надлежности и како превентивно тело го следи случајот. Предмет за анализа за трошење финансиски средства за конретната прослава немаме отворено, но имаме отворено предмет за испитување во делот судир на интереси, односно наводите дека едно лице што се споменува во јавноста било член на комисијата за одлучување и истовремено учествувало како изведувач во рамките на прославата. Сакам да потенцирам дека ДКСК ги следи реакциите на јавноста и барањето за транспарентност при трошење на народните пари. Случајот се разгледува и исто така ги следиме написите во јавноста. Веруваме дека и другите истражни органи го следат случајот и доколку ценат дека има одредени незаконитости, може да отворат постапки во согласност со надлежностите – порача заменик-претседателот на ДКСК, Џемаили, кој во отсуство на претседателот Адем Чучуљ претседаваше со денешната седница на ДКСК.
Членовите на ДКСК, кои учествуваа на денешната редовна седница, одлучија во регистерот на лобисти да запишат физичко лице што ќе може да лобира во областа земјоделство, шумарство и водостопанство, сообраќајна инфраструктура, туризам и угостителство, урбанизам и градежништво.