Претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, денеска имал средба со вршителката на должност амбасадорка на САД Никол Варнс.
Ахмети на средбата изразил благодарност за нејзиниот посветен и конструктивен ангажман, како и за придонесот во зајакнувањето на партнерството меѓу Соединетите Американски Држави и нашата земја.
– Во отворена и конструктивна атмосфера разменивме мислења за актуелните политички случувања во земјата и за значењето на зајакнувањето на демократските институции. Ја изразив мојата длабока благодарност за незаменливата улога на Соединетите Американски Држави како стратешки партнер на Република Северна Македонија и како клучен придонесувач за мирот, безбедноста и стабилноста во регионот. Американската поддршка беше одлучувачка за постигнувањето на Охридскиот рамковен договор и останува суштинска за зачувување на неговиот дух, унапредување на еднаквоста и зајакнување на општествената кохезија – се наведува во објавата на Ахмети на Фејсбук.
На средбата, како што се посочува, било реафирмирана цврстото определување кон стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор и непоколебливата европска ориентација на државата.
– Континуираниот дијалог со нашите меѓународни партнери останува од суштинско значење за изградба на демократска, стабилна и инклузивна Република Северна Македонија, во која сите граѓани уживаат еднакви права и еднакви можности – се посочува во објавата на Ахмети.
Средбата на лидерот на ДУИ Ахмети и в.д амбасадорката на САД се одржала во седиштето на партијата во Тетово.