Откако и премиерот Христијан Мицкоски и еден од лидерите на ВРЕДИ Изет Меџити во претходните два дена ја најавија втората половина на јуни како тајминг за министерски промени, реконструкцијата на владата се повеќе добива на замав како тема која во следните три или четири седмици треба да биде во центарот на политичкиот фокус во земјава. Иако, официјално, барем ако се суди според зборовите и на Мицкоски и на Меџити, таа е стигната на ниво кое може да се опише како “треба да се седне и да се разговара за идните заеднички чекори во работата на Владата“, неофицијално веќе се почнати првите комбинаторики и за идниот персонален состав. Се чека враќањето на премиерот од самитот ЕУ- Западен Балкан што овие два дена се одржува во Тиват, Црна Гора, по што најверојатано како коалициски партнери -ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, на лидерско ниво заедно со Максим Димитриевски, но и со работни групи и формално би го отвориле процесот на владина реконструкција.
„Се зависи од тоа колкав опфат ќе има реконструкцијата. Дали ќе биде поголема и ќе опфати и размена на ресори или ќе се оди само со помала смена на 2-3 министри“, брифира за „Фокус“ висок партиски функционер на ВРЕДИ, посочувајќи дека ако има голема промена тогаш се смалуваат шансите за предвремени избори идната година, бидејќи новите министри што би дошле би имале многу малку време да покажат што знаат и умеат.
Истиот извор потврдува дека, како владејачки коалициски партнер, засега стојат на позицијата да нема промена на ресорите, туку само да се направи кадровска смена. Но, тој став не е конечен бидејќи се свесни, дека работите поврзани со реконструкцијата зависат најмногу од главниотт коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, односно лично од Мицкоски.
Доколку остане истата распределба на ресори, тогаш во ВРЕДИ се размислува да се направи ротација, во која Беким Сали би го презел здравство и би останал прв вицепремиер, додека Азир Алиу би поминал на позицијата вицепремиер за добро владеење – позиција што до пред некој ден ја држеше Арбен Фетаи кој сега ќе биде назначен за специјален претставник на Владата во Брисел. Во таква варијанта, најсериозни шанси да го преземе ресорот за европски прашања кој сега е под ингеренции на Сали, би имал Агон Ферати или Фљакрон Беџети – и двајцата доаѓаат од крилото на Алијанса што остана во власта.
„Фокус“ веќе пишуваше дека доколку се постигне договор за размена на ресори, ВМРО-ДПМНЕ силно инсистира да го добие здравство и на таа позиција да дојде актулениот директор на ГОБ „Осми Септември“ Синиша Стојаноски кој од неодамна е член на потесното партиско раководство. Во таков случај од ВРЕДИ брифираат дека ќе инситираат да го добијат образование нешто за што веќе добиле сигнали од партијата на премиерот Мицкоски дека се подготвени да разговараат за размена, заедно со ресорите култура, спорт и локална само. Што се однесува пак до Фатмир Лимани, за ВРЕДИ тој е завршена приказна и не ги интересира дали и натаму ќе биде дел од Владата. Свесни се дека има добри релации со премиерот и нема да бидат изненадени доколку биде ставен на местото на Иван Стоиљковиќ во Министерството за односи меѓу заедниците или, пак, да биде министер без ресор на позицијата што ја држеше Шабан Салиу. Во каква и да е разврска, во албанскиот партнер во власта веќе подготвуваат замена за Лимани во ресорот социјална политика, демографија и млади, а за таа позиција има 2-3 кандидати кои во овој момент не се подготвени да ги обелоденат.
Но, затоа многу актуелна за ВРЕДИ е приказната промените да ги опфатат и пониските ешалони од министерските, бидејќи не се задоволни од тоа како работеле некои нивните претставници кои се поставени на заменик министерски или на директорски позиции. Од заменик министрите во ВРЕДИ засега се генерално задоволни само од Адмир Шабани во одбрана и од Дритон Сулејмани во образование кои иако се само неколку месеци на позицијата сепак оставиле впечаток со своето работење.
Од друга страна воопшто не се задоволни од останите заменици, превенствено од Астрит Исеини во внатрешни работи, но и останатите во земјоделство и во спорт. Што се однесува до заменикот во култура, него како „грев“ му се припишуваат меѓусебните недобразбирања со министерот Зоран Љутков. И, затоа начелниот став како што велат од ВРЕДИ е – доколку премиерот постави нов министер за култура, тогаш нивниот заменик Седат Сулејмани останува затоа што во партијата немаат сериозни забелешки на неговата работа досега.
З.Фиданоски