40 години чекаше извршување на смртна казна – се појавија скриени докази, па сега излегува на слобода

by irena 15:57
15:57

По повеќе од четири децении поминати во одделот за осуденици на смрт, Даглас Стјуарт Картер ќе биде пуштен од затвор во Јута за да го чека новото судење.

За одложувањето на одлуката придонесе неодамнешната анализа на ДНК-доказите, која покажа дека генетскиот материјал пронајден на местото на злосторството не се совпаѓа со неговиот.

Во 1985 година, Картер беше прогласен за виновен за бруталното убиство на Ева Олесон, која била избодена во грбот, стомакот и вратот, а потоа застрелана во задниот дел од главата во нејзиниот дом во Прово.

Меѓу новите докази што ги побиваат претходните тврдења на обвинителството се и резултатите од ДНК-анализата спроведена претходно овој месец: тие целосно го исклучуваат сега 71-годишниот Картер како можен извор на крвта пронајдена на кваката од вратата и на генетскиот материјал изолиран од рачката на ножот употребен при убиството.

Иако ниту еден физички доказ директно не го поврзуваше Картер со местото на злосторството, поротата првично го осуди врз основа на неговото признание и сведочењето на двајца сведоци, кои тврдеа дека тој им се фалел дека ја убил г-ѓа Олесон (инаку тетка на локалниот началник на полицијата).

Сепак, тие сведоци подоцна ги повлекоа своите тврдења. Минатата година, Врховниот суд на Јута наложи повторно судење поради „бројни случаи на намерно недолично однесување“ од страна на истражителите. Картер, кој додека е на слобода мора да носи GPS-уред за следење, цело време тврди дека е невин и дека полицајците го принудиле да потпише признание.

Иако судијата Дерек Пулан изјави дека новодобиените ДНК-наоди значително го поткопуваат обвинението, тој додаде дека разумна порота сепак би можела да заклучи оти Картер е одговорен за убиството.

Според адвокатот на одбраната Нил Хамилтон, Картер ќе престојува во близина на својот син, Тајлер Енџер. Енџер бил посвоен како бебе и дури години подоцна ја дознал вистината за судбината на својот татко.

Хамилтон истакнува дека на Картер ќе му биде потребна психолошка поддршка за да ги надмине последиците од деценискиот престој во затвор, додавајќи: „Да беше прашана државата Јута, тој ќе беше погубен пред 15 или 20 години, уште пред да откриеме неправилности во работата на полицијата“.

Синот на затвореникот изјави дека враќањето во општеството ќе претставува голем шок за неговиот татко: „Само сакам Даг конечно да зачекори на трева. Тоа не го направил веќе 40 години“.

Одлуката за негово ослободување беше донесена и покрај силното противење на семејството на жртвата. Тереза ​​Олесон, снаата на убиената жена, нагласи дека семејството има сериозни резерви во однос на ваквиот исход.

– Се надевавме дека ДНК-анализата ќе даде директен одговор – рече таа. „Фактот што нема совпаѓање не значи автоматски дека тој не бил таму. Сакаме правда за Ева, и доколку тој имал каква било улога во ова, инсистираме тоа да се докаже“.

Во меѓувреме, окружниот обвинител на округот Јута, Ервин Петилос, му соопшти на судијата дека преиспитувањето на одлуката за кауција е „неопходно и праведно“, додека властите продолжуваат да ги анализираат преостанатите материјални докази.

Картер, кој потекнува од Чикаго, живеел со својата мајка во Јута во времето кога била убиена Ева Олесон, на 27 февруари 1985 година. Според судските записи, тој бил осомничен дека го извршил злосторството за време на грабеж. Во април истата година, тој ја напуштил Јута, верувајќи дека полицијата го бара поради друг, неповрзан напад.

Тој беше уапсен во Тенеси, каде што потпиша признание за кое и денес тврди дека било изнудено под закани од полицијата.

На првото судење, на кое одбраната не повика ниту еден сведок, тој беше осуден на смрт. Ја доби истата казна и на повтореното судење во 1992 година, по што судовите со години ги отфрлаа неговите жалби.

Значајна пресвртница се случи во 2011 година, кога во Мексико беа пронајдени двајца клучни сведоци. Тие признаа дека лажеле на суд бидејќи добиле пари и подароци од полицијата, но и поради заканите дека, во спротивно, тие и нивниот син ќе бидат депортирани.

По уште една деценија правни битки, Врховниот суд на Јута конечно ја укина пресудата минатата година.

Правниот тим на Картер истакнува дека некои очевидци виделе белец како бега од местото на злосторството и дека еден од истражителите сокрил докази што укажувале на други можни сторители – вклучително и сопругот на жртвата, Орло Олесон. Одбраната тврди дека обвинителите планирале да поднесат обвинение против самиот Олесон, но еден полициски поручник ги разубедил за да може истрагата да се насочи во друга правец.

Орло Олесон, кој почина во 2009 година, беше првиот што го пријави злосторството. Тој изјави дека ја пронашол сопругата мртва во нивниот дом, делумно соблечена и со раце врзани зад грб. Жртвата била избодена со кујнски нож пронајден покрај телото, додека огненото оружје од кое бил испукан фаталниот истрел никогаш не било пронајдено.

Слични вести