Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во телевизиско гостување изјави дека постапката за јавна набавка на 100 градски автобуси е повторно распишана и оти очекува овојпат да биде успешно завршена, паралелно со плановите за воведување на брз автобуски систем (БРТ).
За потсетување, на 22 мај од Министерството за транспрот потврдија дека Државната комисија по жалби за јавни набавки донела решение за поништување на тендерот за електрични автобуси и полначи, а на кој за најповолна беше избрана заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и на австриска ЕВН.
Одлуката на Комисијата, како што соопштија од Транспрот, била донесена по службена должност.
Јавниот повик за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи беше објавен на 27 февруари годинава, а согласно критериумите што беа наведени во поништениот јавен повик, понудувачот ќе требаше да произведе и да испорача 30 автобуси во рок од шест месеци, 60 автобуси во рок од 12 месеци и уште 60 автобуси во рок од 18 месеци. Рокот за доставување на потребната документација беше до 30 март.
„Денеска е реобјавена постапката за 100 автобуси, искрено се надевам дека овој пат ќе биде успешна. За да не биде градот зависен само од централна власт, владата ќе обезбеди 100 автобуси, но, јас го започнувам за многу скоро проектот БРТ за кој градот ќе обезбеди 40 автобуси“, рече Ѓорѓиевски во гостувањето во „Само интервју“ на телевизија Канал 5.