Двајца припадници на почесната гарда во Елисејската палата се онесвестија на само неколку чекори од Емануел Макрон за време на официјалната церемонија за пречек на словачкиот претседател Петер Пелегрини во Париз, пренесе Ројтерс.
Двајцата гардисти беа тргнати од местото на настанот; причините за нивното паѓање, како и нивната моментална здравствена состојба, сè уште не се објавени.
На снимката се гледа како првиот гардист почнува да се ниша, ја спушта сабјата, а потоа паѓа на земја. Макрон и другите присутни се упатија кон него за да му помогнат.
По кратка пауза, францускиот претседател продолжи со протоколарните активности и го пречека Петер Пелегрини на влезот во палатата.
Во тој момент, втор гардист – кој стоеше на спротивната страна – исто така падна. На снимката се слуша звукот од неговата сабја како удира од земјата, а делумно се гледа и реакцијата на Макрон.
„Што по ѓаволите се случува?“ – извикува еден маж чиј глас се слуша на видеото, како што пренесува „Ле Паризиен“.
Другите гардисти останаа мирно со исукани сабји, како ништо да не се случило.
Вработените во Елисејската палата интервенираа и ги оддалечија двајцата гардисти од просторот каде што се одвиваше официјалниот пречек. До моментот на објавување на веста, немаше официјално соопштение за нивната здравствена состојба или за причината поради која ја изгубиле рамнотежата.
По инцидентот, средбата меѓу Макрон и Пелегрини продолжи според планираното.
Словачкиот претседател престојува во Франција на официјални разговори. Двајцата шефови на држави разговараа за стратешкото партнерство меѓу двете земји и за актуелните европски прашања – проширувањето на Европската унија, војната во Украина и енергетската безбедност.