Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, го обвини собранискиот спикер Африм Гаши дека ја оневозможил седницата за опозициски пратенички прашања преку „креативно толкување“ на Деловникот.
Во објава на Фејсбук, Апасиев тврди дека Гаши паузите ги пресметувал во двочасовното време предвидено за поставување прашања од опозицијата и за одговори од страна на власта, иако за време на паузите пратениците не работат.
Според Апасиев, проблемот произлегува и од составот на владејачкото мнозинство, кое го сочинуваат три политички субјекти – ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ. Тој предупредува дека, доколку секој од нив побара по едночасовна пауза, практично може да биде оневозможено одржувањето на целата седница за опозициски прашања.
Апасиев смета дека ваквото толкување на собраниските правила го доведува во прашање правото на опозицијата да ја контролира работата на Владата преку пратенички прашања.