Европската перспектива на земјите од Западен Балкан и динамиката на проширувањето на Европската Унија беа во фокусот на панел-дискусија во Скопје, каде што учесниците порачаа дека процесот се одвива во ограничен временски прозорец кој не смее да се пропушти.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека државата е во трка со времето во однос на членството во ЕУ, предупредувајќи дека постои ризик да се пропушти моментумот за напредок.
Тој оцени дека фокусот не треба да биде на барање виновници за блокадите во процесот на евроинтеграцијата, туку на изнаоѓање конкретно решение и јасен пат кон целта.
Пратеникот Антонијо Милошоски изнесе поинаков став, посочувајќи дека е потребен повнимателен пристап кон отстапките, сè додека од Европската Унија не дојде, како што рече, кредибилна и јасна понуда за членство.
Директорот за политики при Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“, Петер Хефеле, предупреди дека таканаречениот „моментум“ за проширување нема да трае долго и дека политичките прилики во Европа може брзо да се променат.