Стојанов: ВМРО-ДПМНЕ ќе ја попречи европската интеграција на Македонија и ќе ги одржи тензиите со соседите

by irena 19:05
19:05

Контроверзниот бугарски државјанин Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“, оцени дека евентуалните политички промени во Унгарија нема значително да влијаат врз односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Во изјава за бугарски медиум, тој посочил дека очекува новото раководство во Будимпешта да делува во рамки на европските политики и како партнер во Европската Унија, вклучително и преку поддршка на инфраструктурни и стратешки проекти како Коридорот 10.

Стојанов истакнал дека земјите од Западен Балкан, меѓу кои Северна Македонија и Србија, покажуваат одредена подготвеност за реформи и евроинтеграции.

Во однос на внатрешно-политичката сцена, тој смета дека премиерот Христијан Мицкоски ќе се насочи кон зајакнување на својата политичка позиција преку популистички пристап, наместо кон проевропски политики. Според него, владејачката ВМРО-ДПМНЕ може да го забави процесот на европска интеграција и да ги одржува тензиите со соседните држави, вклучително и Бугарија.

Стојанов, исто така, оцени дека влијанието на Русија во регионот е спротивставено на бугарските интереси, обвинувајќи дека Москва користи пропаганда и историски наративи за зајакнување на своето присуство. Воедно, тврди дека Бугарите во Северна Македонија се соочуваат со притисоци и дека недостасува поактивно граѓанско општество.

Во меѓувреме, против Стојанов неодамна беше поднесена кривична пријава за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем. Од надлежните институции информираа дека пријавата е резултат на претходно прибрани сознанија за активности насочени кон поттикнување етничка и национална омраза, при што акцијата била спроведена во координација меѓу безбедносните и правосудните органи.

Слични вести