Почина поетот, писател и преведувач Тихомир Јанчовски

by vlatko 21:49
21:49

На 58-годишна возраст почина современиот македонски поет, писател и преведувач Тихомир Јанчовски, објави Друштвото на писатели на Македонија.

Јанчовски е роден 1967 година во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Во 2010 година магистрирал современа историја на УКИМ.

Беше и професор, музичар, издавач и автор на над 30 книги, главно поезија, преводи и романи. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и на италијански јазик.

„Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата ‘Орце Николов’, во меѓународното училиште ‘Нова’ и во Американската гимназија во Скопје. Нека му е вечен споменот!“, објави ДПМ.

Слични вести