Николоски: Оптимист сум дека брзо ќе се најде решение за проблемот со транспортерите

by vlatko 20:55
20:55

Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека се во целосна комуникација со транспортерите и дека веќе се договориле да се сретнат по состанокот што треба да се одржи во вторник во Брисел и заедно да ги разгледаат предлозите што ќе произлезат од него со цел да се понудат најдобрите решенија за транспортерите.

Тој на Сител изјави дека е задоволен од тоа што ЕУ ја забрза постапката и го објави документот порано од планираното.

-Се работи за документ од 19 страници, којшто целосно ги опфаќа новите правила на Шенген зоната и таму има еден клучен збор, баш во овој дел којшто го издвоив на мојата објава, каде што возачите на камиони, односно транспортерите се прифаќаат како професионалци, со останатите категории коишто се наведени тука, како спортисти уметнции итн., што е првпат да ЕУ на тој начин го реши проблемот.

Во суштина тоа беше и еден од начините да се излезе од проблемот, затоа што транспортерите кога ги почнаа протестите бараа да се почне дијалог со којшто ќе се реши проблемот, се понудија три решенија и ова е едно од трите решенија – рече Николоски.

Цели градови во Македонија, како што кажа, живеат од транспортот.

-Сакам да им честитам на сите оние храбри луѓе кои што излегоа на протестите овие денови, кои што покажаа дека проблемот е навистина сериозен. Да честитам на одлучноста, на храброста, јас ја имав честа и да ги посетам и да ги поддржам. Излегов заедно со нив, и мислам дека покажаа дека навистина е голем проблемот и дека мора сериозно да му се пристапи, и тоа што беа единствени и истрајни никој не успеа да ги скрши, даде резултат – посочи Николоски.

Тој рече дека не мора да има решение за проблемот на транспортерите до 10 април кога целосно стартува ЕЕС системот во ЕУ, бидејќи има простор и по април.

-Сметам дека до летото треба да го најдеме решението и затоа е оптимално што протестите на транспортерите почнаа токму сега. Со вчерашниот договор што се постигна со ЕУ оптимист сум дека брзо ќе биде најдено решение. Очекувам да има уште во вторник решение, но потребно е тоа подоцна да биде изгласано во земјите-членки и во Европската комисија за што треба одреден временски период.

Токму целта на протестот на транспортерите беше да започне дијалог, а не веднаш да се најде решение за седум дена колку што беше предвидено да трае – рече Николоски.

Слични вести