Ова претставување во Собранието на кандидатката Џихан Ахмед за членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не е изолиран случај, а конкретната личност не ја сметам за проблем, туку за симптом, изјави вечерва во емисијата „Вин-Вин“ Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини.
„Станува збор за симптом на целосно обесмислување на институциите. Замислете го парадоксот: имате Собрание кое го донело Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој јасно се пропишани критериумите за тоа кој може да биде член на Комисијата, а истото тоа Собрание го крши законот. Тоа е суштинскиот проблем“, истакна Цветковиќ.
Таа додаде дека прашањето кое го поставил Аврамов, а кое се однесува на образованието, е особено важно, бидејќи истата Комисија неодамна дала мислење за одредени закони.
„Не е прашањето дали кандидатката ги знае сите подробности од одреден правен акт, туку зошто имаме институции кои потпишуваат и ратификуваат меѓународни документи во кои, очигледно, не веруваат“, рече Цветковиќ.