Советничката од СДСМ во Советот на Град Скопје и членка на Мандатната комисија, Кети Штерјова, изјави дека е точно оти биографиите на новите 117 членови на управните и надзорните одбори им биле доставени на членовите на Комисијата, но нагласи дека тие требало да им бидат поделени на сите советници, за јавноста да може да види дека станува збор за партиски кадри и дека местата се пополнуваат со луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и другите коалициски партнери.
„Кандидати за советници на листите на ВМРО-ДПМНЕ во општините и во Градот Скопје, партиски членови, донатори на партијата, лица со фамилијарни врски со високи партиски функционери, па дури и цели партиски фамилии вдомени во државни институции на високи позиции – сето тоа е дел од предлозите. Дали овие лица се поставени за јавните претпријатија да ѝ служат на партиската агенда, наместо на интересите на граѓаните? Како ќе објасните дека оваа кадровска понуда е водена од јавниот интерес? Очигледно, со ова сакате да се оддолжите на вашите членови од штабовите – со срамни стручни биографии, наспроти богати партиски CV-и“, рече Штерјова.