Зошто 4 години нема нов ДУП за „ШИК Јелак“, каде „бетонска џунгла“ требаше да гради контроверзниот Дака!?

Набргу откако Биљал Касами победи на локалните избори во 2021 година, по што мнозинството во Советот на Општина Тетово го презеде Беса, тетовскиот Совет донесе одлука да го суспендира Деталниот урбанистички план за Урбан блок 57 (57 а), по што започна постапка за носење на нов ревидиран план за истиот простор. Во меѓувреме, поточно во периодот од 2022 година досега, Советот носи неколку дополнителни одлуки за делумна суспензија на планот, во делот каде земјиштето е во државна сопственост. Арно ама, 4 години по првата суспензија, се уште не е донесен нов ДУП, иако Законот за урбанистичко планирање предвидува тоа да се направи во рок од 6 месеци или една година, зависно од тоа дали суспензијата е целосна или делумна.

by vlatko 18:26
18:26

Текстот е објавен на 22 јануари 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.581.

Од Беса потврдија дека луксузното „бе-ем-ве“, со кое партискиот лидер и тетовски градоначалник Биљал Касами се појави на лидерската средба во Клубот на пратениците, е во сопственост на негов роднина, но не го открија неговиот идентитет. Како што неофицијално дознаваме, станува збор за бизнисменот Ракип Алии, вујко на Касами и сопственик на „Мурана Компани“, која во последните години бележи раст во работата. Според проверките што ги извршивме, компанијата соработувала со Општина Желино, чиј градоначалник Блерим Сејдиу доаѓа од Беса на Касами. Покрај тоа, дојдовме до информација дека фирмата на роднината на тетовскиот градоначалник се јавува и како донатор на Општина Тетово, и тоа заедно со друштвото што ја изработува урбанистичката документација за просторот кај некогашниот гигант „ШИК Јелак“, каде што голем дел од земјиштето го поседува контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака, кој е на „црната листа“ на САД.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако на лидерската средба што се одржа во Клубот на пратениците беа отворени исклучително сериозни политички теми поврзани, пред сè, со изборниот процес, како на пример потребата од пржинска влада за спроведување парламентарни избори, промена на изборните правила на игра во насока на воведување една изборна единица, отворени листи итн., сепак, сето тоа делумно падна во сенка на тема од сосема поинаква природа.

Имено, станува збор за возилата со кои на состанокот пристигнаа првите луѓе на ревелантните парламентарни партии, при што особено внимание привлече тетовскиот градоначалник, лидер на Беса и еден од фронтмените на владејачката коалиција ВЛЕН, Биљал Касами, од причина што тој се појави со луксузно возило марка „бе-ем-ве“, чија вредност значително ја надминува сумата од 100 илјади евра.

Имајќи предвид дека тоа предизвика лавина коментири во јавноста, веднаш реагираа од таборот на Касами, од каде лиферуваа негова изјава чија главна поента гласи: „Автомобилот со кој пристигнав не е моја сопственост. Тој автомобил беше користен привремено, бидејќи службениот автомобил моментално е на поправка. Мојот личен имот редовно се пријавува и е достапен за јавноста, во согласност со законот“.

Инаку, во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, Касами пријавил дека поседува возило марка „мерцедес“, произведено во 2007 година, кое го стекнал по пат на купопродажба во 2017 година, кога возилото, како што стои во пријавата, имало вредност од 800 илјади денари или 13 илјади евра. Оттука, не може да мине незабележан моментот кога тој се појави со „бе-ем-ве“ што вреди околу 10 пати повеќе од неговото лично возило.

Со оглед дека многу дилеми останаа отворени, „Фокус“ се обиде да дознае чиј е автомобилот што го позајмил Касами? Па, како што веќе објавивме, посоченото „бе-ем-ве“ е во сопственост на лицето Р.А, кој му е вујко на Касами. Впрочем, кога ќе се погледне регистарската табличка на возилото, фатена од страна на телевизиските камери, може да се забележат буквите РА, кои одговараат токму на иницијалите на споменатиот роднина на Касами.

Од причина што дел од неговото официјално објаснување гласеше оти позајмил возило бидејќи службеното возило му било во дефект, до Општина Тетово поставивме прашање какво службено возило користи градоначалникот, колку време е расипано и за каков дефект се работи, дали возилото што го позајмил е во сопственост на негов роднина и воедно бизнисмен? Исто така, прашања упативме и до компанијата на неговиот роднина…

СЛУЖБЕНО ВОЗИЛО ОД ПАРТИЈА

Притоа, од Општина Тетово го добивме следниов кус одговор: „Во врска со прашањата што се однесуваат на возилото со кое Биљал Касами присуствуваше на лидерската средба, Ве упатуваме да се обратите до Службата за информирање на политичката партија Беса. Дополнително, Ве информираме дека градоначалникот Касами не користи службено возило, туку возило во приватна сопственост“.

Согласно сугестијата, се обративме и до Беса, каде ги упативме истите прашања, плус побаравме објаснување дали Касами користи службено возило, со оглед дека од неговата општина велат дека користи „возило во приватна сопственост“, додека во негова изјава што претходно ја пренесе СДК, меѓу другото, се наведува дека користел позајмен автомобил привремено, бидејќи „службениот автомобил моментално е на поправка“.

Возилото е сопственост на роднина на г. Касами и било позајмено од тимот што го организира транспортот на претседателот. Вистина е дека претседателот Касами не користи службено возило од општината, но и да користеше, на состанокот присуствуваше како претседател на Беса и претставник на ВЛЕН, а службеното возило од Беса, како што објаснивме, привремено не му беше на располагање.

Ние веќе разјаснивме дека тоа возило не е сопственост на г. Касами, дека имотот на г. Касами е редовно пријавен во надлежните институции и јавно достапен за јавноста. Со тоа, сметаме дека оваа тема, со сите детали кои што се предмет на јавен интерес, е веќе исцрпена. Сè друго е обид за сензационализиам кој не и служи на јавната дебата“, ни одговорија од Беса.

Оттука, позицијата на Касами изградена врз основа на одговорите од Тетово и од Беса е дека тој не користи службено возило од општината, но има автомобил на располагање од партијата, кој моментално бил расипан, па затоа бил позајмен автомомобил во сопственост на негов роднина. Но, изостана одговор каков точно дефект има партискиот автомобил, ниту кој е роднината од кого бил позајмен друг автомобил, независно што во нашите прашања се реферираше кон конкретно лице.

Истовремено, се обративме и до лицето што го поседува споменатото „бе-ем-ве“ и неговата компанија. Покрај другото, нè интересираше дали оваа фирма соработувала со Општина Тетово како изведувач избран по пат на тендерска постапка, но и дали била ангажирана како подизведувач од страна на избран изведувач, кој склучил договор за јавна набавка со Општина Тетово? Сепак, од таму не добивме никаков одговор!

ДОГОВОРИ СО СОПАРТИЕЦ НА ВНУКОТ

Првично, не само што не ја објавивме регистрацијата на автомобилот што го користеше Касами поради законските одредби во делот на заштита на лични податоци, не го објавивме ниту целосниот идентитет на формалниот сопственик. Сепак, овојпат одлучивме да обелодениме кој е роднината на тетовскиот градоначалник и воедно бизнисмен што го поседува „бе-ем-вето“, бидејќи помина доволно време откако побаравме одговори од сите засегнати страни за тема која сметаме има доволно елементи на јавен интерес.

Се работи за бизнисменот Ракип Алии, кој е сопственик на „Мурана Компани“, основана уште во далечната 1998 година со седиште во Желино, чија основна дејност моментално гласи „завршни градежни работи“. Од официјалната интернет-страна на оваа фирма, пак, може да се види дека таа работи со производство на бетонски цевки, бетонски елементи и отворање бунари. Како што навеле од компанијата, носат „сигурност и ефикасност во секоја градба“.

Доколку се погледнат финансиските извештаи на друштвото, тогаш се доаѓа до заклучок дека бележи постојан раст во последните неколку години, така што ако приходите во 2023 година изнесувале над 35 милиони денари, тогаш приходите во 2024 година надминале 51 милион денари, додека добивката се зголемила од 2 милиони денари во 2023 година на 12 милиони денари во 2024 година. Случајно или не, тоа се случува додека роднината на сопственикот на фирмата е градоначалник на Тетово.

Според официјалните податоци, Општина Тетово и „Мурана Компани“ немале директна соработка. Меѓутоа, симптоматично е тоа што од компанијата изостана одговор на прашањето „дали била ангажирана како подизведувач од страна на избран изведувач кој склучил договор за јавна набавка со О.Тетово“. Она што засега може официјално да се каже е дека „Мурана Компани“ во изминатиот период соработувала со други јавни органи.

Поточно, најголемиот договор го склучила со Општина Липково, која долги години е под контрола на ДУИ. Проверките во системот на Бирото за јавни набавки покажуваат дека двете страни во 2023 година склучиле договор за „набавка и транспорт на префабрикувани бетонски плочки и тампон, сепариран материјал и ивичњаци“, во вредност од 26,7 милиони денари или 434 илјади евра. Што се однесува до другите тендери, тоа се помали договори.

Меѓутоа, ако се прочепка низ архивата на БЈН може да се види дека компанијата на Алии соработувала и со општина која ја води кадар на Беса, чиј лидер е неговиот роднина Касами. Тоа е Општина Желино, која во текот на 2021 година набавила канализациски цефки од „Мурана Компани“ и плус склучила договор за зимско одржување, така што двете набавки вкупно „тежат“ скоро 4 милиони денари. Како потписник на договорите од страна на Желино се јавува Блерим Сејдиу од Беса, кој е градоначалник на оваа општина од 2017 година се до ден денес.

ЗАЕДНИЧКА ДОНАЦИЈА СО ПРОЕКТАНТ

Згора на тоа, вреди да се напомене дека Сејдиу моментално високо котира во рамки на Беса, каде е еден од двајцата партиски потпретседатели. За разлика од него, Касами го тера вториот градоначалнички мандат во Тетово, бидејќи тој загуби на локалните избори во 2017 година, меѓутоа успеа да стане градоначалник на следните избори во втората половина на 2021 година. Како што е познато, во првиот круг губеше од Теута Арифи од ДУИ, но во вториот круг направи пресврт и победи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и АА.

Откога Касами стана тетовски градоначалник пред околу 5 години, може да се лоцира еден директен конакт меѓу О. Тетово и „Мурана Компани“. Во текот на 2023 година, општината на чело со Касами донела одлука за прифаќање на донација од страна на компанијата на неговиот вујко Алии, како и од уште една фирма – „Про Инженеринг“. Во општинскиот Службен гласник број 12, издаден во 2023 година, стои дека Советот на Општината на 14.07.2023 година донел одлука за прифаќање на донацијата на овие субјекти.

Всушност, донацијата претставува изградба на бунар за вода за пиење во тетовското село Фалиште со капацитет на снабдување 12-15 l/s, со вкупна вредност од 1.920.000 денари. Практично, Советот со кој претседавал Бесар Дурмиши, исто така од Беса, кој по политичките промени стана владин министер за економија како кадар на Беса/ВЛЕН, го овластил градоначалникот Касами да склучи договор со давателот на донацијата од јавен интерес, со кој ќе се регулира намената и начинот на користење.

Патем, дополнително интересен е фактот што втората компанија-донатор „Про Инженеринг“, ја изработува урбанистичката документација за новиот план за делот во Тетово каде е лоциран некогашниот комбинат „ШИК Јелак“, чиј имот е во сопственост на контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака. Дотолку повеќе, тоа буди интерес од причина што веднаш откако Касами и Беса ја презедоа контролата врз тетовската локална самоуправа, го суспендираа планот што му дозволуваше на Дака да го „бетонизира“ овој дел на градот.

Во тој контекст, мора да се напомене дека непосредно по формирањето на старо-новата Влада на СДСМ и ДУИ во 2020 година, тогашната локална власт во Тетово предводена од ДУИ, која имаше мнозинство во општинскиот совет и од нејзини редови доаѓаше градоначалничка Арифи, донесе урбанистички план за просторот кај „ШИК Јелак“, кој предвидуваше изградба 4 трговски центри, од кои еден огромен, како и 27 седумкатници. Односно, се предвидуваше градба на 230.000 квадратни метри, од кои 140.000 квадрати беа наменети за станови.

Армо ама, набргу откако Касами победи на локалните избори една година подоцна, по што мнозинството во општинскиот совет го презеде Беса заедно со ВМРО-ДПМНЕ, Советот донесе одлука да го суспендира овој ДУП, по што започна постапка за носење на нов ревидиран план за истиот простор. „Фокус“ веќе извесен период се интересира за оваа тема и бара одговори до каде е постапката за носење на нов ДУП, како и што ќе предвидува тој? До какви сознанија дојдовме?

Контроверзниот црногорски бизнисмен Давидовиќ-Дака, кој требаше да го бетонизира Тетово, се најде на „црна листа“ на САД поради вклученост во шверц и перење пари.

СУСПЕНЗИИ НА УРБАНИСТИЧКИОТ ПЛАН

Конкретно, овој Детален урбанистички план се однесува на Урбан блок  57 (57 а). Во текот на 2023 година, побаравме одговор до каде е постапката за носење на нов ДУП за истиот простор, кој треба да го замени суспендираниот план? Тогаш, добивме одговор дека планот прво бил целосно суспендиран, но поради краткиот период за носење на нов план од само една година, потоа била извршена делумна суспензија за земјиштето во државна сопственост.

„Советот на Општина Тетово го суспендира ДУП за урбан блок 57 (57 а) прв пат во април 2022 година, кога започнува и иницијативата за донесување на нов ДУП. Поради краткиот временски период за донесување на нов ДУП, општинскиот Совет во арпил 2023 година донесе одлука за повторна делумна суспензија во траење од 6 месеци за земјиштето, чиј сопственик во најголем процент е државата.

Новиот ДУП е во постапка на донесување, во моментот се чека утврдување на планот од страна на Советот на Општина Тетово, како би можело да продолжи постапката за одобрување на планот. Изработен е стручен елаборат, а Министерството за транспорт и врски за истото има издадено мислење. Правни аргументи за ДУП за урбан блок 57 (57 а) – се суспендира врз основа на член 23 од Законот за урбанистичко планирање.

Со предложениот нов ДУП во голема мера се запазува, односно се зема предвид јавниот интерес со тоа што се планираат пошироки улици и тротоари, поголеми зелени површини и паркови, паркинг простори како и еден јавен објект, кој во иднина ќе биде наменет за детска градинка или училиште. На крајот, при планирање, за нас како општина воопшто не е важно кој е сопственик на земјиштето, но најголемиот дел од земјиштето во рамки на овој ДУП е во сопственост на РСМ“, ни одговорија од Општина Тетово.

Според споменатиот член 23 од Законот за урбанистичко планирање, ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине во целост, т.е. цел план се суспендира, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување нов план за истиот плански опфат. Ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот, пак, тогаш донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изменување и дополнување само на укинатиот дел од планот.

„Урбанистички план, негов дел или планска одредба се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот, доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и  прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување“, предвидува ЗУП.

ИСТЕК НА ЗАКОНСКИТЕ РОКОВИ

Дополнително, истиот законски член пропишува дека донесувачот на планот ја носи одлуката за суспензија врз основа на елаборат, при што треба да се нагласи дека одлуката за суспензија важи 6 месеци во ситуација кога станува збор за суспендирани делови од ДУП-от, односно една година во ситуација кога се работи за цел опфат на планот. Со други зборови, во рамки на овие рокови треба да се измени планот или да се донесе нов план кој ќе го замени суспендираниот план. Во спротивно, престанува да важи суспензијата.

Што значи тоа во однос на суспендираниот ДУП за урбан блок 57 (57 а) во Тетово („ШИК Јелак“)? Прво, овој план бил целосно суспендиран во април 2022 година, па по истекот на рокот од една година тој бил делумно суспендиран во април 2023 година, со што почнал да тече нов рок од 6 месеци за измена на планот. Тоа значи дека до крајот на 2023 година требало да биде променет ДУП-от во делот каде бил суспендиран, т.е. за просторот каде државата се јавува како сопственик на земјиштето. Очигледно, нов или изменет план не бил донесен во 2023 година, па, како што известуваа медиумите и во следната 2024 година, општинскиот Совет носел нови делумни суспензии со 6-месечно траење.

Затоа, побаравме одговор од О. Тетово каква е фактичката состојба во моментов? И покрај тоа што ова прашање го упативме уште на почетокот на декември ланската 2025 година, до ден денес не добивме никаков одговор, без оглед на нашето инсистирање. Во меѓувреме, се отвори случајот со возилото со кое Касами се појави на лидерската средба, па во врска со тоа пративме прашања до општината, во чии рамки повторно апелиравме да добиеме одговори и за спорниот ДУП. Меѓутоа, добивме краток одговор за возилото, но не и за планот.

Нејасно е зошто општината молчи во врска со оваа тема, односно одбива да одговори дали/зошто се уште не е донесен нов план кој повеќе би го штител јавниот интерес, како што своевремено се најавуваше? Кој ќе биде одговорен доколку настанат последици поради непочитување на законските рокови? Што доколку на крајот испадне, наместо да се заштити јавниот интерес, тој дополнително се загрози поради буџетски имопликации?

Во потрага по одговори на овие прашања, искомунициравме и со двајца општински советници од опозицијата, кои велат дека досега нов урбанистички план не е донесен. Воедно, тие неофицијално коментираат дека до нив стигнале поплаки од сопственици на земјиште и потенцијални инвеститори дека биле предмет на разни условувања и „пријателски сугестии“. Сепак, не сакаат официјално да застанат зад овие тврдења бидејќи немале докази.

Исто така, стапивме во контакт и со адвокатскиот тим на Давидовиќ. Од таму велат дека размислуваат дури да настапат и со тужба за кривична одговорност, потенцирајќи дека законот е јасен – нов план мора да се донесе во рок од 6 месеци, односно една година зависно дали е суспендиран дел од план или цел план. Во секој случај, овие рокови се одамна поминати, што, според застапниците на Дака, јавува сомнеж дали можеби цела постапка се развлекува со цел тој да се фати на кондиција и да ја отстапи фирмата за багатела?

ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ШВЕРЦ

Според Централниот регистар, Давидовиќ преку црногорската „Нексан“ ја поседува компанијата „Јелак Градба“, која поседува голем дел од земјиштето во рамки на „ШИК Јелак“ опфатено со суспендираниот ДУП. Тој го стекна овој имот во рамки на стечајната постапка за некогашниот шумарско-индустриски гигант. За таа цел, своја улога имаше и државата, која даде согласност за продажба на своите удели на контроверзниот бизнисмен, кој во 2023 година се најде и на „црна листа“ на САД.

Во одлуката на Стејт департментот за Дака се наведува дека тој со децении перел пари за криминални синдикати, зајакнувајќи го своето влијание и вршејќи го својот криминален потфат на шверц со цигари, нафта и оружје во Црна Гора. Воедно, се потенцираат и неговите контакти и релации со поранешниот македонски премиер Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

„Тој беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на Рашковски, главен советник на Заев“, стои во одлуката на американското Министерство за финансии, во која уште се додава дека Рашковски наводно примил поткуп од Давидовиќ за да има средба со Заев, со цел да ги унапреди бнеговите бизнис-интереси.

Претходно, тој во земјава се „прослави“ со објавувањето на разговорот со Зоран Милески-Кичеец на средината на 2020 година. Двајцата ги запознал угледен белградски бизнисмен кон крајот на 2016 година, кога Дака одлучил да го ангажира Кичеец како посредник во деловни зафати во земјава, бидејќи, според зборовите на Дака, Кичеец му бил препорачан како „сериозен деловен човек од Македонија“.

Арно ама, Дака потоа јавно се пожали дека Кичеец не успеал да му заврши никаква работа. Единствено што сторил Кичеец, посочи Дака, е што му организирал состанок со Заев, пред кого ги изложил неговите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер на локација во Штип. Потоа, Заев го препратил кај тогашниот владин генсек Рашковски…

Во објавениот разговор меѓу Дака и Кичеец се споменуваат 300.000 евра и 2.000 квадратни метри што бизнисменот требало да ги даде за реализација одредени бинис-интереси земјава. Во реакцијата по повод објавената „бомба“, Дака објаснува дека парите ги дал за ангажманот на Кичеец, а не за подмитување. Сепак, тој ништо не кажа за квадратите, ниту, пак, ги појасни плановите за другите акивности што ги споменува во снимениот разговор.

ПЛАНСКА ПРОГРАМА И НАЦРТ-ДУП

Иако тоа го нема во транскриптот објавен заедно со снимката, сепак, јасно се слуша како Дака пред Кичеец го споменува и АД Шумарско-индустрискиот комбинат „Јелак“ во Тетово. Според официјалните податоци, ШИК „Јелак“ е избришан со одлука на тетовскиот суд на почетокот на 2018 година по заклучена стечајна постапка. На почетокот на 2019 година, Владата донела одлука за давање согласност со продажба.

Поточно, согласноста се дава за продажба на деловни простории во сопственост на Фондот за здравство по цена од 27 милиони денари, во сопственост на Агенцијата за вработување по цена од 1,7 милиони денари и во сопственост на ЈП Македонски шуми по цена од 53 илјади денари. Оваа согласност се однесува на продажба на имот на останатите сопственици, меѓу кои спаѓа и „Јелак-Градба“.

Како што своевремено пишуваше „Фокус“, на продажба биле ставени идеални делови од вкупна површина од 17.335 квадрани метри на катастарска парцела 3039 во Катастарска општина Тетово со имотен лист број 102979. Според податоци од Катастарот на недвижности, „Јелак-Градба“ на Дака стекнал најголема површина од овој простор од скоро 5.968 квадратни метри. Остатокот, пак, го поседуваа УЈП, ФЗО, ПИОМ.

И покрај низа перипетии, се уште не се знае дали Дака преку „Јелак Градба“ ќе гради згради во Тетово, бидејќи постоечкиот ДУП, прво целосно, а потоа делумно се суспендира, додека во меѓувреме не се донесе нов или изменет план, иако законските рокови го налагаат тоа. Она што дефинитивно се случи во изминатиот период е дека се донесе Планска програма за изработка на дел од ДУП за 57 (57а), како и Нацрт ДУП за дел од Блок 57 (57а). К.О. Тетово 1. Што предвидуваат тие?

Во планската програма објавена во април 2023 година, чиј изработувач е споменатата „Про Инженеринг“, се наведува дека предмет на ДУП-от е да се создадат „реални услови за уредување и користење на просторот на предметните катастарски парцели со оформување на градежни парцели согласно границите и сопственоста на катастарските парцели и фактичката состојба“. Исто така, се предвидуваат  и „поголеми површини за јавна употреба паркови и зеленило заради планирање на похумано живеење во рамките на планскиот опфат“.

„Со изработката на Деталниот урбанистичкиот план за дел од Блок 57 (57 а), ќе се изврши усогласување со ГУП-от на град Тетово, а се со цел да формираат градежни парцели со клaса на намена согласно ГУП -от на град Тетово, согласно сопственоста на катастарските парцели и потребите на жителите и јавните површини како и сообраќајните коридори со планирање на пошироки профили на сообраќајници од постојните планирани со постојниот детален урбанистички план кој е суспендиран токму за овие потреби“, стои во програмата.

СПОРТСКИ ОБЈЕКТ И УЧИЛИШТЕ

Врз основа на оваа планска програма, во јули 2023 година се носи Нацрт-план за дел од Блок 57 (57 а), кој повторно, по нарачка на О. Тетово, го изработила „Про Инженеринг“. Во текстуалниот дел стои дека целта на ДУП-от е да се создадат услови за просторен развој, при што ќе се создадат услови за осовременување на условите за живот преку изградба на нови станбени, комерцијални и деловни објекти, како и зелени површини од рекреативен карактер. Така, се наведува дека површината на планскиот опфат изнесува 71.039 квадратни метри.

„Со изработката на овој ДУП, урбанистичките параметри се менуваат во делот кој е под суспензија и се создава похуман простор за граѓаните кој нуди можности за просторен развој“, стои во нацрт-планот, каде се додава дека анализата на локалитетот со 54 постојни објекти покажува дека постојат услови да се оформат градежни парцели за рационално користење и уредување на просторот.

Понатаму, во него се истакнува дека во рамките на опфатот формирани се 36 градежни парцели, со тоа што максималната површина за градење на ниво на плански опфат е 219.108 квадратни метри или: А-Домување = 157.406 квадрати; Б-Комерцијални и деловни намени = 60.251 квадрати; В-Јавни дејности и функции = 1.315 квадрати; Е-Инфраструктури = 135 квадрати. Нотирано е и зеленило, рекреација и меморијални простори, без да се наведе квадратура.

„За овој ДУП, површината по жител е предвидена 60 квадратни метри. Вкупната планирана етажна површина за домување намалена за компатибилните намени изнесува 94.444 квадратни метри. Во планскиот опфат се предвидува да живеат 1.574 жители, односно 366 домаќинствa. Број на членови во домаќинство изнесува 4,3 согласно ГУП. Густина на населеност изнесува 222 жители по хектар, стои во нацрт ДУП-от.

Кога ќе се направи споредба меѓу стариот суспендиран план и новиот нацрт-план, може да се заклучи дека во нацртот, во средина на просторот, на место на 2 станбени објекти е вцртан објект со намена Д3 или спорт и рекреација на зелени површини, што е 1,5 отсто од опфатот. Освен тоа, се предвидува и изградба на училиште, кое ќе зафаќа 2,2 отсто. Најмногу, или 40 отсто, ќе биде домување во станбени згради, 21 отсто ќе бидат деловни згради, 28 отсто ќе бидат патна инфраструктура, а 1,5 отстозаштитно и сообраќајно зеленило.

Се на се, вкупната површина под градба на ниво на блок изнесува 24.676 квадратни метри, бруто-максималната развиена површина на ниво на блок изнесува 171.603 квадрати, бруто максимална развиена површина за домување во згради (А2) изнесува 157.406 квадрати, а без компатибилните намени изнесува 94.444 квадрати. Тоа не одговара на барањата на експертите и граѓаните да никне парк на цела локација, но е помалку во споредба со мегапроекциите во суспендираниот план. Во секој случај, останува да виси зошто цела постапка со новиот план не се заокружува веќе цели 4 години, бидејќи законот е јасен оти урбанистичкиот план е на сила се до донесување на нов план“.

Вујкото на Касами бил донатор на Општина Тетово заедно со изготвувачот на новиот ДУП за „ШИК Јелак“!

Слични вести