Привремената лидерка на Венецуела, Делси Родригез, која синоќа ја презеде функцијата вршител на должноста претседател, ги повика САД на соработка откако во саботата во американски напади врз Каракас беше заробен Николас Мадуро.
Родригез, која претходно имаше остар тон кон Вашингтон, сега зборува за потребата од „односи засновани на меѓусебно почитување“, што се толкува како промена во нејзините претходни пораки, пишува „ Асошиетет прес“.
„Ја повикуваме американската влада да соработува со нас на агенда за соработка фокусирана на заеднички развој, во рамките на меѓународното право, за зајакнување на трајниот соживот во заедницата“, напиша Родригез на Инстаграм.
Во објавата таа додава дека приоритет е движењето кон избалансирани и почитувани меѓународни односи меѓу Соединетите Американски Држави и Венецуела, како и меѓу Венецуела и другите земји во регионот, засновани на суверена еднаквост и немешање.
„Овие принципи ја водат нашата дипломатија со остатокот од светот“, додава таа.