Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, изјави во Париз дека сојузниците на Косово треба да ги убедат петте земји-членки на ЕУ кои не го признаваат да го сторат тоа, објави Косова Прес.
Петте земји од ЕУ кои сè уште не ја признаваат независноста на Косово се Шпанија, Грција, Словачка, Романија и Кипар.
Курти на Парискиот мировен форум изјави дека Косово води билатерални разговори со тие држави, но дека досега е постигнат само делумен напредок.
„Вчера, Сирија го призна Косово. Оваа година, Кенија и Судан го сторија истото. Ова значи дека 120 земји низ целиот свет ја признаа нашата Република. Работиме билатерално со овие пет земји-членки на ЕУ кои сè уште не нè признале. Има делумен напредок – Шпанија ги призна нашите пасоши, Грција го подигна статусот на нашата канцеларија во Атина, иако формалното признавање сè уште не се случило. Работиме напорно и потребно е земјите што нè признале да ги убедат оние што сè уште не нè признале да го сторат тоа. Без оглед на непризнавањето, верувам дека ниту една од нив не го оспорува патот на Косово кон европска интеграција. Имаме Спогодба за стабилизација и асоцијација и сме дел од Берлинскиот процес, учествуваме во Планот за раст за Западен Балкан“, рече Курти.