Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, на денешната прес-конференција објави дека е наредено итно спроведување на дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките на територија на општината овој викенд откако стаорец касна 10-годишно дете на игралиште во Капиштец.
„Ќе одржам средба со директорите на сите училишта и градинки во Центар, со цел да се координираме за безбедноста на децата. Ќе побарам викендов итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките, како и мапирање на кризни точки во близина на училиштата. Мора да се спречи сметот да се трупа во близина каде престојуваат нашите деца“, рече Герасимовски.
Тој, потенцираше дека општината врши вонредна дератизација.
„Во сите 1980 шахти се фрла серитифициран препарат. Но потребно е да се спроведе дератизација и во сите згради. Општината ќе организира средба со сите управители на згради и куќни совети. На секое домаќинство ќе му бидат доделени големи, бесплатни кеси за отпад кои добро се затвораат и потешко се кинат. Секој влез ќе биде задолжен да направи дератизација. Испраќам отворен повик до сите компании да помогнат со механизација, камиони и логистика. Ова е момент кога треба да покажеме општествена одговорност и солидарност“, истакна Герасимовски.